Поради состојбата што се создаде во Судскиот совет, вицепремиерката за добро владеење смета дека треба да се подготват нови закони за Судскиот совет, јавните обвинители и за Академијата за судии. Таа на средба со новинарите состојбата во правосудниот систем ја оцени како загрижувачка.

Грковска рече дека разгледувањето на сработеното лани покажало дека се отворени 15 предмети за прекршување на Етичкиот кодекс за службени лица и оти во четири случаи јавно биле опоменати Бујар Османи, Артан Груби, Никола Тупанчевски и Хисен Џемаили.

Таа препорача сите министри и институции да имаат одговорно лице за спроведување на Етичкиот кодекс. Грковска на средба со новинарите зборуваше и за Законот за потекло на имот, но не го спомена рокот до кога тој би можело да се донесе. Со него би се отворил патот сечиј сомнителен имот во иднина да биде конфискуван доколку сопственикот не може да докаже како го стекнал. Овој закон е во фаза на јавна расправа.

Таа додаде дека како дел од чекорите во борбата против корупцијата, меѓународното тело за борба против оваа појава, ГРЕКО препорачува да се поедностават постоечките правила како и во кои случаи функционери примаат подароци, во едно решение бидејќи во моментов ова прашање кај нас е регулирано со два закона.