Со средбата со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан, се заокружи работната посета на Брисел на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Од владината прес-служба соопштија дека Грковска го информирала Хан за надлежностите на Кабинетот за политики за добро владеење, кој првпат се воведе во актуелната влада, како и за реформските процеси кои ги координира.
-Како докажан пријател на Северна Македонија, Хан се интересираше за актуелните случувања околу усвојувањето на уставните измени, што е клучен чекор за продолжување на евроинтегративниот процес на земјата.Вицепремиерката Грковска истакна дека сите вклучени страни треба да придонесат за промена на наративот околу ова прашање, кое не треба да се користи за популизам и јакнење на национализмот и евроскептицизмот во земјата и регионот, стои во соопштението.
Вицепремиерката Грковска упатила благодарност до еврокомесарот Хан за, како што информира Владата, неговата отворена и континуирана поддршка во пристапувањето кон Европската унија, како и за обезбедувањето макрофинансиска поддршка за нашата држава, како особено важна во справувањето со ефектите од економската криза.