Повеќе теми поврзани со управувањето со јавните финансии во функција на поддршка на граѓаните и стопанството и целокупниот развој на државите беше тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за финансии на Црна Гора, Александар Дамјановиќ, кој беше придружуван од црногорската амбасадорка во земјава, Марија Петровиќ.

-Вицепремиерот Битиќи и министерот Дамјановиќ разговараа и за политиките и мерките за привлекување и поддршка на нови инвестиции на компаниите, при што се согласија дека регионот на Западен Балкан има голема шанса во пост ковид периодот да биде препознаен како атрактивен регион за нови инвестиции на компании од регионот, но и од големите меѓународни корпорации, како поради близината до земјите од ЕУ, така и поради тековните процеси, со кои се подигнува конкурентноста на земјите во регионот и на целиот Западен Балкан, соопштија од владината прес-служба.

Во соопштението се истакнува дека двајцата се согласиле дека сите регионални иницијативи што поттикнуваат соработка, вмрежување и развој на конкурентноста на земјите, но и целиот регион се добредојдени, очекувајќи дека таквите иницијативи ќе бидат целосно инклузивни и компатибилни со патот кон интеграција со Европската Унија.

На средбата се констатирани одличните односи меѓу двете земји и искажана е недвосмислена определба за понатамошно продлабочување на соработката на сите нивоа.