Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова на Скопје ќе му ја враќа Чаршија со низа проекти. Ви – фи зони, обнова на дуќаните и отворање школи за занаети и мајсторски работилници се дел од ветувањата.
„Старата скопска чаршија е душата на Скопје. Денес Чаршијата е задушена од нечистотија, административен хаос и институционална негрижа, но таму каде што другите гледаат проблем, јас гледам можност. Нашиот план е јасен, визијата е конкретна – да ја вратиме Чарпијата на скопјани. Имаме решение за Чаршијата – секојдневно чистење, нова урбана опрема, јавно осветлување и ви-фи зони со почит кон автентичниот изглед. Имаме во план поддршка за дуќанџиите и занаетчиите со буџетски средства за реконструкција на дуќани со правна и финансиска помош, со отворени школи за занаетчии и мајсторски работилници. Нашата цел е Чаршијата конечно да добие еден центар за управување под целосна надлежност на Град Скопје без лавиринти меѓу институции туку ефикасна, брз и транспарентна администрација за сите што живеат и работат таму“, рече Шукова.
За културата и уметноста таа најави посебни проекти.
„Културата ќе добие вистински дом. Реновирање на Сули Ан, поддршка за студентите по ликовна уметност, отворање на арт – атељеа и културни програми. Уметноста не смее да живее во распаднати ѕидови. Исто така имаме план за развивање дигитална платформа за туристи и јазични обележја, подобрена пешачка структура и европски културни рути затоа што Чаршијата мора да привлекува туристи, да живее и да расте“, вели Шукова.
Сите проекти што ги наброја кандидатката за градоначалничка на Скопје вели дека не се само уште едно ветување туку визија што ја враќа Чаршијата како живо срце на Скопје.