Преку фотографиите сакам да пратам една силна и искрена порака и поддршка кон идните мајки, да го прифатат сопственото тело и да уживаат во периодот на бременоста
И покрај тоа што се наоѓаме во време на пандемија, која секојдневно нè менува како личности и влијае на нашите ставови, одлуки и решенија, потиснати од секојдневните проблеми со кои се соочуваме, стравуваме за сопственото здравје и здравјето на нашите блиски, решив да се изразам преку малку поинакви фотографии кои изобилуваат со суптилен и сензитивен интензитет, а воедно и да го одбележам периодот во кој се наоѓам, односно периодот на бременоста.
Мајчинството претставува радикална промена во животот на секоја жена, а вежбањето е една од опциите полесно да се справат со ситуацијата и одговорно да ја понесат улогата на родител.
Секој облик на вежбање е од големо значење, особено за бремените жени, бидејќи одговорноста е многу поголема. Покрај тоа што се грижиме за сопственото здравје, се грижиме и за здравјето на плодот кој го носиме во себе. Доколку припаѓате во групата на среќнички, во случајов како мене, и имате уредна бременост и добиете зелено светло од страна на вашиот матичен гинеколог, не постои причина за загриженост. Меѓутоа се препорачува особено да бидат внимателни трудниците кои се соочуваат со висок крвен притисок (хипертензија), кои носат повеќе од едно дете, кои се склони кон спонтани абортуси, како и оние кои се соочуваат со благи крварења или патолошка бременост. За жал, во низа такви случаи се избегнува физичка активност.
Пилатесот се препорачува за време на целата бременост. Во првото тромесечје, промените и нивото на хормони на трудницата може да имаат големо влијание, таа да се чувствува доста исцрпено и заморно, поради тоа во овој период пилатесот е корисен да ја врати енергијата и да ги опушти телото и умот, а на тој начин придонесува таа да се чувствува психички и емотивно подобро. Во второто тромесечје веќе организмот се навикнува на новонастанатата состојба и промените на хормоните, и иако телото се менува нивото на енергија е многу повисоко. Веќе во последното тромесечје се чувствуваме многу потромаво и исцрпено, во овој период најчесто се јавуваат болки во грбот, проблеми со постигнување рамнотежа, баланс и отоци.
Вежбите за време на бременоста се со послаб интензитет, за разлика од пилатесот кој се применува кога телото не е во блажена состојба. Се препорачуваат полесни видови на вежби без поголемо оптеретување, бројот на повторувања е помал, целиот фокус е ставен на прецизно и правилно изведување на вежбите, проследено со вдишување и издишување. Најчесто во второто и третото тромесечје се избегнуваат вежби во лежечка положба и вежби на една нога, бидејќи трудниците лесно губат рамнотежа, се избегнуваат вежби со притисок на стомакот, како и нагли промени во движењето и положбите на телото. Се препорачува внимателно префрлање од една во друга положба. Доколку почувствуваат одредена непријатност или одреден тип на болка, се препорачува да се престане со вежби. Погодни се вежбите за истегнување и релаксација на тело.
Пилатесот го олеснува целиот процес за време на породувањето, овозможува поголема издржливост и полесен пристап кон крајната цел. Со породувањето се наоѓаме во нова фаза од животот која претставува апсолутен предизвик за секоја идна мајка.
Пилатесот е избор број еден за време на бременоста. Тренинзите се прилагодени според состојбата и фазата во која се наоѓа идната мајка, покрај тоа тие треба да одговараат на моменталното расположение, бидејќи ни еден ден во бременоста не е ист, па е сосема во ред и тренинзите да бидат различни. Пилатесот претставува една од најделотворните програми за трудници бидејќи изобилува со хармонична техника и овозможува модифицирање и прилагодување според кондицискиот капацитет и можностите на клиентот. Преку пилатесот ја подобруваме циркулацијата, се ублажуваат последиците од хормоналните промени, се подобрува целокупната телесна енергија. Хормоналната рамнотежа е тесно поврзана со внатрешното задоволство, позитивните мисли и ставови, здравиот начин на живот, почнувајќи од храната што ја внесуваме, тука спаѓаат дополнителните витамини и минерали, козметичките производи и третмани кои исто така може да влијаат на тоа како ќе го поминеме периодот на бременоста.
Вежбањето е во корелација со нивото на хормони, кои влијаат на чувството на задоволство и среќа за време на бременоста. Како основни придобивки се вбројуваат: хормоналната рамнотежа, подобра циркулација и концентрација, еластичноста, јакнење на мускулатурата на централниот дел на телото, карличниот и раменскиот појас, екстремитетите (раце, нозе). Активни се сите мускулни групи, со што се намалуваат грчевите, болките во мускулите, грбот и половината, а значително се намалени и отоците по телото. Со еден збор, го подготвуваме телото за време на бременоста и периодот по породувањето.
Морам да напоменам дека трудниците кои биле физички активни пред и за време на бременоста полесно го враќаат телото во нормала и полесно се ослободуваат од вишокот килограми кои се наталожуваат за време на бременоста. Непишано правило е да се почне со вежбање, во периодот од 4 до 6 недели, доколку породувањето е по природен пат, доколку породувањето е со царски рез периодот за започнување со вежби е од 8 до 12 недели, секако во зависност од општата состојба на организмот и проценката на лекарот. Пред да започнете со вежбање по породувањето консултирајте се со вашиот гинеколог. Враќањето во форма кога имате новороденче во кое ја инвестирате целата своја енергија е голем предизвик. На тој начин ја јакнете својата самодоверба и ја зголемувате својата издржливост која ни помага во грижата за нашето ново родено дете. Инаку пилатесот е полезен и за најмладите бидејќи помага за побрз раст и развој на децата, како и развивање на природните форми на движење и јакнење на моторичките вештини.