Училиштето во населбата Барди, во селото Блаце ќе биде мобилно. Според документот обезбеден од Алсат, односно градежната дозвола, одобрена за Општина Чучер Сандево ден претходно, се вели дека тоа е објект од втора категорија, за мобилно училиште со само три паралелки. Во градежната дозвола се наведува дека инвеститорот може да ги започне градежните работи, бидејќи оваа градежна дозвола ќе стане правосилна во управната постапка. Исто така, се наведува дека оваа градежна дозвола ќе стане неважечка доколку инвеститорот не почне со градба во рок од две години од влегувањето во сила на градежната дозвола. Но, од Министерството за образование и наука, одговарајќи на прашањата на Алсат, кратко ни рекоа дека инвеститор е МОН, кој веќе објавил јавна набавка за изградба на овој објект. Во моментов, нејасно е како ќе се спроведува евентуалната соработка меѓу двете институции за една иста работа.
„Министерството за образование и наука денеска ја објави јавната набавка за изградба и надзор за изградбата на нова училишна зграда во рамките на основното училиште Александар Урдаревски во село Долно Блаце, општина Чучер Сандево. По изборот на најповолен понудувач кој ќе ги исполни тендерските услови, градежните активности ќе започнат на планираното место“, велат од Министерство за образование и наука.
До денеска се дадени стотици вакви ветувања за училиштето, најчесто пред секоја изборна кампања. Во декември минатата година, Министерството за образование тврдеше дека во текот на 2020 година јавната набавка двапати пропаднала. Децата од населбата Барди се единствените во државава кои освен книгите и тетратките, во училишните чанти носат и пасоши. Приморани се да одат на настава во Косово затоа што повеќе од една деценија немаат основно училиште.