Американската компанија „Вестингхаус Електрик Компани“ соопшти дека склучила прв договор со бугарски добавувач во рамките на проектот за изградба на два нови нуклеарни енергетски блока во АЕЦ „Козлодуј“, според нејзината технологија AP1000.
Партнер во договорот е варненската компанија „МТГ-Делфин“ АД, а опфатот на соработката вклучува развој на Програма за обезбедување на нуклеарен квалитет (NQA-1), воведување на култура на нуклеарна безбедност, како и подготовка на инженерска документација за макета и можност за производство на макета од конструктивен модул AP1000 CA.
„Нашето учество во проектот за нови нуклеарни енергетски блокови со технологијата AP1000 ја демонстрира силата и потенцијалот на индустриската база на Бугарија“, изјави Светлин Стоjaнов, главен извршен директор на „МТГ-Делфин“.
Од страна на „Вестингхаус“, Дан Липман, претседател на деловната единица „Енергетски системи“, нагласи дека компанијата се обврзала да изгради мрежа на висококвалификувани бугарски добавувачи, кои ќе го поддржат не само проектот во Козлодуј, туку и други објекти со технологијата AP1000 во Европа и светот.
Досега, „Вестингхаус“ има потпишано меморандуми со 30 бугарски компании, кои ќе бидат вклучени во изградбата на двата нови реактора во Козлодуј. Компаниите заинтересирани да станат добавувачи можат да најдат информации на веб-страницата на „Вестингхаус Бугарија“.
„МТГ-Делфин“ е акционерско друштво со седиште во Варна, во реонот „Одесос“. Според Трговскиот регистар, компанијата работи во областа на градењето бродови, метални конструкции, изградба на станбени и деловни објекти, транспорт, производство, морско градежништво и надворешна трговија.