Вистина е дека да се биде деканка на Правен во оваа временска и геополитичка констелација претставува историски и истовремено визионерски чин. Има многу причини и накалемени предрасуди во севкупно оневозможувачка околина. Транзицијата за жал ги помести сите вредности, а новото градење на идентетски конструкции беше проследено со сериозни испади на мачоизам, шовинизам и национализам, што директно влијае на деградацијата на сите традиционално супресирани категории.
Токму на 8 март годинава сенатот на Меѓународниот универзитет „Визион“ ја потврди одлуката на наставно-научниот совет со која Весна Попоска е избрана за деканка на Правниот факултет. Весна Попоска е докторант на Воената академија во Скопје. Магистрирала на катедрата за меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е долгогодишна граѓанска активистка. Авторка е на публикација за студентски права објавена од Фондацијата „Фридрих Еберт“ и на многубројни научни и стручни трудови во нејзината област.
Иако образование е типично женска професија, исто како и правото, ретка слика се жените на одлучувачки позиции. Зошто е, според Вас, тоа така?
– Ви благодарам за констатацијата. Вистина е дека да се биде деканка на Правен во оваа временска и геополитичка констелација претставува историски и истовремено визионерски чин. Зошто е тоа така? Има многу причини и накалемени предрасуди во севкупно оневозможувачка околина. Транзицијата за жал ги помести сите вредности, а новото градење на идентетски конструкции беше проследено со сериозни испади на мачоизам, шовинизам и национализам, што директно влијае на деградацијата на сите традицонално супресирани категории. За среќа, мојата институција, можеби затоа што е „најмлада“ во секторот секогаш била визионерски ориентирана, водејќи се од премисата дека успехот е загарантиран само ако се направи исчекор пред времето и спротивно на предрасудите. Родовата нееднаквост, како и многу други нееднаквости во нашето општество некаде е очигледна, некаде не е, но секаде постои и произведува реални ефекти кои ги зафаќаат на еден или друг начин животите на сите поединци. Високото образование и правото се соочуваат како ретко кои други професии со етаблирани и наследени структури на моќ, кои тешко се разбиваат ако нема јасно изразена волја за промена на одлучувачките структури. Затоа сум искрено благодарна што имам прилика да соработувам со прекрасни луѓе и професионалци како што се нашиот ректор проф. д-р Фадил Хоџа и проректорот проф. д-р Адбулмеџит Нуредин и сите мои колеги со кои на дневна база соработувам веќе седум години и кои секогаш ме поттикнувале, поддржувале и охрабрувале, а пред сè имале неизмерна доверба во мене. Искрено се радувам и што ресорното министерство во овој период го предводи жена и се надевам тоа да послужи како пример на сите нивоа на одлучување.
Накусо, кои ќе бидат темелите на вашата оперативна програма?
– Согласно Законот за високо образование, програмата за работа е акт на наставно-научниот совет, но мојот личен белег во неа ќе бидат стремежот за извонредност во сите сфери на делување, а пред сѐ унапредување на научно-истражувачката работа и на професорите и на студентите, вложувањето во развојот на клиничката настава и нормативното усогласување.
Во многу нешта сте биле – прва. На пример, прва жена која одбрани докторска дисертација на Воената академија во Скопје. Колку бунтовничкиот дух, по кој сте препознатлива, одигра улога за трасирање на ретки патишта и храбри избори за една жена? Од каде тој Ваш бунтовнички дух, има ли зад него конкретна историја, фрустрација? И дали ни е неопходен на сите жени таков дух за да стигнеме до целта и да ги урнеме стереотипите?
– Диксутабилно е дали бунтовничкиот дух е тој што ве води по ретки патишта или пак тешките патишта градат бунтовнички дух, но во секој случај, тие два процеси се взаемни и се надополнуваат, а се повеќе од неопходни за да ги срушиме стереотипите, или со војничка терминологија: да го донесеме Ханибал пред портите на нашиот личен Рим. Пораснав во семејство на вредни и чесни луѓе, во кое сите сме бунтовници со причина, тераме правда и водиме инает секогаш кога треба, а на родителите на шега знам да им кажам дека ме воспитуваа за општество кое одамна не постои, а се базира на другарство, еднаквост, почитување, солидарност и ударнички акции за повоена обнова на државата. Ним сум им бескрајно благодарна за вредносната ориентација, иако токму заради неа имам отворено милион мали фронтови околу себе, за безрезервната љубов и поддршка на сите лични избори, надминувањето на традиционалните родови и семејни улоги преку личен пример и доверувањето на задачи и обврски од најмала возраст. Детето мора да го третирате како личност ако сакате да порасне во совесен граѓанин, бидејќи будните граѓани се столбот на секоја демократија и основата која го гради системот. За жал како општество сме многу склони кон вкалапување во улогата на жртва, наместо кон улогата на носители на промени. Најлесно е да се жалиш дека некој друг е виновен, наместо да се обидеш да промениш нешто.
Масовниот влез на жените на пазарот на трудот и воведувањето на нови технологии доведе до тоа жените да можат полесно да најдат работа, но напредувањето во кариерата е многу потешко. Поголемиот дел од работата на жените продолжува да се ограничува на извршување на традиционални задачи, жените се секретарки, медицински сестри, благајнички, телефонски операторки, наставнички, продавачки, итн., а згора на тоа и како да се казнети поради пониските плати што ги добиваат за истата професионална категорија во споредба со машките колеги што претставува форма на сегрегација. Дали како држава сме зрели за побрзо надминување на оваа состојба на дискриминација?
– Нема промена што не е возможна, возможно е само да нема доволно политичка волја и соодветна стратегија за да се спроведе определена реформа. Нашиот Мустафа Кемал Ататурк речиси преку ноќ ја создаде современа Турција, а темелите на кои ја постави речиси сто години се светилник среде бура за многу современи цивилизации. Ние не мора баш за една ноќ да го промениме општествово, ама секако може да побрзаме, во најмала рака секој со својот личен пример во својот микрокосмос.
Владите предводени од жени се подемократски, егалитарни, пацифистички и помалку корумпирани, повеќе размислуваат за животната средина, образованието и социјалните политики воопшто. Дефиницијата на овие карактеристики на женското лидерство е резултат на академски студии, статистика, набљудување на оние кои со години го анализираат родовиот проблем. Што сметате Вие, станува збор за комплет клишеа или на некој начин тоа сте го почувствувале и преку искуството?
– Генерално, јас не сакам генерализирања бидејќи од секоја статистика постојат исклучоци, а дури и ваквото сублимирање би можело да се толкува како дискриминирачко кон многу родовосензитивни „машки“ лидерски примери. Сум забележала дека за жал жените се меѓусебно многу покомпетитивни и ретко која жена што е на одлучувачка позиција поттикнала или охрабрила системски други жени, како што го прави тоа премиерката на Нов Зеланд на пример. Многу е важно да се запази системот на обезбедување квалитет при менаџирањето со човечки ресурси, а женската вклученост да не биде од декоративна природа во која било организациска култура, најмногу во политичката, каде што за жал се соочуваме со голем број естрадни решенија.
Што се однесува до мене лично, сум почувствувала различни искуства, и позитивни и негативни. Ми се случило да се соочам со сексистички и деградирачки коментари, но секој што се осмелил да се соочи со мене на таков начин многу брзо си го гризнал јазикот, бидејќи сум знаела да возвратам и вербално и преку личен пример на соодветен начин, па да добијам извинување. Паметам дека прв пат кога влегов на Воена академија некој искоментира „девојче, што бараш ти овде?“, но од друга страна, во истата институција имав прекрасни професори и ментори како што се професорот Орце Поповски, Мето Хаџи Јанев и Митко Богданоски. Мојот прекрасен ментор од Правниот факултет, професорот Сашо Георгиевски е во голема мера виновник за она што сум јас денес како правник, а и мојот сопруг, кој безрезервно ме поддржува, исто така. Мене старосватица на свадбата ми беше најдобриот другар, што исто така беше „шокантно“ случување, така што, искрена благодарност до сите родово сензитивни мажи кои генерираат прогресивно општество.
Дали на Вашиот Универзитет постои кодекс на облекување на студентите, па и на професорите, или секој има право да ја изрази својата слобода и личност дури и во облеката што ја носи на часовите? Деликатно е да се оцени што е вкусно и соодветно, без можеби да паднеме во замка на предрасудите?
– Стара латинска поговорка вели дека за вкусовите не се дискутира, но за професионалните стандарди и тоа како треба да се разговара. Затоа на нашиот Универзитет постои етички кодекс што е задолжителен за сите членови на академската заедница, значи и за професорите и за студентите и во чие изготвување лично учествував како генерален секретар на Универзитетот. Идејата да се има етички кодекс што ќе дава насоки наместо униформи беше токму за да може секој да ја изрази својата посебност, личност и стил, но во рамките на професионализмот, почитувањето и односот и кон институцијата и кон останатите. Многу погрешно стана толкувањето на човековите права во насока на егоцентричноста, наместо еднаквото почитување и на себеси и на другите, бидејќи секоја личност е подеднакво важна. Дополнително не смееме да заборавиме дека целта на образованието е личноста, а студентите од академскиот процес треба да излезат подготвени за животот и работата за да им е што полесна и поуспешна транзицијата кон професионалната ориентација.
Дали денешните стандари за убавина на жената се компатибилни со феминизмот?
– Дискутабилно е и што е стандард за убавина и што е феминизам денес, но едно е сигурно: убавината е секогаш во очите на оној што знае да ја види. Во секој случај, претераното нагласување на сексуалноста и физичките карактеристики и тоа како му штети на феминизмот во неговото вистинско значење.
За што најчесто се бунтувате во последно време?
– Веројатно за почитување на мерките и препораките на здравствените власти во насока на спречување на ширењето на коронавирусот, за држење дистанца и соодветно однесување во секоја смисла. Пандемијата, за жал, изнесе премногу фрустрации на површина, па луѓето се сè помалку трпеливи и емпатични.
За крај, едно актуелно прашање – што сметате за предлогот на МОН за воведување на дигитални учебници?
– Дигитализацијата не е прашање на одлука, туку прашање на време, да не речам дури и прашање на судбина, и тоа пандемијата ни го покажа во најбрутална можна форма. Би сакала сите кои се толку загрижени за формата на учебиците да беа исто толку загрижени и за содржините во нив, како и за начинот на кој истата ќе се спроведе. Никој од нас не може да застане на патот на прогресот на технологијата. Сетете се само на Џордано Бруно, кој бил спален на клада бидејќи верувал дека „сепак се врти“. Потребни биле векови за човештвото да го види светот со неговите очи.