Владимир Перев

Никако да го заборавиме Венко Марковски и да го надминеме тоа тешко и срамно време, обременето со бројни убиства, насилија врз човечката душа и тело, време на загубена хуманост. Паралелно со темните комунистички ликови од типот на методи Шаторов-Шарло, Павел Шатев, Лазар Колишевски, Панко Брашнаров, па ако сакате и еден Лев Главинчев, редовно се појавува и ликот на обикновениот поет-стихоклепец и превејаниот политички и национален конвертит Венко Марковски. И што е најважното, секогаш околу нив се исплетува некаква мрежеста магла за нивните сепак “добри и патриотични особини, вистински бугари (или македонци, кај нас, сеедно!) ама, ете, такво било времето“.

Последниот пат, не е така. На порталот Faktor.bg се појави мала по обем статија на Константин Мишев, со една долга и релативно непозната песна на В. Марковски, насловена како “Чернобил“ а напишана по повод нуклеарната катастрофа во Чернобил што се случи на 26 април 1986 г. Не треба да се знае и познава поезијата за да се разбере лудилото на поетот, неговата опседнатост со Москва и “новиот поредок“, неговата самобендисаност и апсолутното отсуство на било какво чувство, не само кон постраданите, туку кон сите други, направо кон целата планета…не, поемата не треба да биде разгледувана од литературни критичари, таа треба да биде предмет на опсервација на лекари-психијатри, а потоа и “нашата восхит“ кон поетот треба да биде предмет на нивната опсервација.

Сум го прочитал речи си целото творештво на Венко, но со творецот никогаш не сум се запознал. Бевме два различни света и јас не пројавив желба да се видиме. Не знам ни дали ќе ме примеше во посета, ама тој примал и помалку значајни личности од мене. Но, по игра на судбината, ги познавав скоро сите луѓе од неговото македонско опкружување, денес повеќето од нив починати. Бил “пријател“ со многумина кои ги познавав во годините по неговото “заминување“ во Бугарија, Бранко Зарески, Киро Чауле, Бранко Варошлија, па помладите во тоа време како Ристо Стиков, Миле Неделковски и други познати новинарски и писателски имиња. Она, “пријател“ сум го ставил во наводници, затоа што можам да кажам дека никој не го сакаше и не го поднесуваше, барем во нивните приказни. Немало зашто да лажат, тоа беа луѓе на естаблишманот, а постарите од нив биле партизани и припадници на разни служби. Некои од нив дури му ги оспоруваа и поетските капацитети, а Илија Милчин отворено го нарекуваше “стихоклепац“ со нота на неверојатен презир. Не, тука немаше никакво влијание националната припадност или идеологијата. Милчин беше наследник на санданистите, потоа на протогеровистите, за да заврши како комунист, па и од нив тивко се откажал уште во средината на педесетите години. Ама, ете Димитар Талев важеше за михајловист, па Милчин, а и сите споменати, никогаш не си позволија да говорат за него со пренебрежение, напротив, со целосна почит кон ликот и делото на творецот на “Светилникот…“ и целата тетралогија. А Милчин го познаваше творештвото и животот на двајцата до детали.

Своевиден земјотрес претставуваше книгата на Венко “Кръвта вода не става” (Бан 1981 г.) како и нејзиното издавање во 2003 година, со обемниот увод на д-р Пламен Павлов. Кој знае да чита, веднаш ќе ги види прекрасните затемнувања на основната тема за ликот и делото на авторот, ами ќе се поведе по целта за која се издава книгата.

Таа е реакција на “т.нар. “Историjа на македонскиот народ” (која) не е шедьовър на историографията, не е дори някакво интересно, увлекателно, предизвикващо дискусии съчинение. Малко ли примери за подобни спорни книги имаме днес, и то буквално на всяка сергия на софийския площад “Славейков”… Нищо подобно, става дума за един скучноват, бездарно написан, пропит от долнопробна пропаганда обзор с претенции за история. Защото въпросната “Историjа”, мъдрувана години наред от мастити академици, посредствени местни научни “величия”, заслужили партийни деятели и бивши партизани наистина е жалка в своите претенции да открива “историската вистина”, безскрупулно манипулирайки фактите.“

Тоа е целосната вистина на “т.нар. Историја на македонскиот народ“, толку згуснато и комплексно предадена од д-р Павлов. Но каде е тука Венковата “Крвта вода не става“? Треба само да почнете да ја читате, па ќе видите една исто така бездарно, декламаторски и наложително напишана книга која ве убедува дека тука, кај неа е целата “вистина за македонското прашање“. Не дека не е вистинита, таму нема фалсификати, но е толку бездарно и нелитерарно напишана, како да читаме некакви прогласи и материјали на Компартијата, напишани некаде како проглас за борба “до последниот здив“. Таму го гледаме со целата сила “олимпиското величие“ на авторот и судбината на нас, малите и обични луѓе, предодредени да го следиме НЕГО по патот на големата идеја. А во сушност, нема ништо ново, се е познато и прочитано, а некои од бугарските и македонските автори дебело работеле на делови от проблематиката која сега “ни се открива“. Неколкумина од нас предметната книга ја читавме уште во почетокот на осумдесеттите години и никогаш не разбравме во што е нејзината величина, имајќи го предвид декламаторскиот стил и изнесувањето на познати факти. Веќе денес (2003 г.), гледаме дека одговорот го дава пак д-р Пламен Павлов, во едно свое изречение во предговорот: “Македония, една от най-трагични теми в българската народна съдба и нашата литература от 1878 г. насам, буди гузни съвести и, което е много по-лошо – слугински рефлекси у българската комунистическа олигархия. Фалшивият демон на “великобългарския национализъм”, изграждан десетилетия наред от същите тези среди, е по-силен от зова на истината“. Тука е суштината на проблемот, но тука е и решението зошто Венко и баш тој, да биде демонстраторот на “нечистата совест“ на бугарското општество по однос на Македонија.

Кај нас во Македонија, Младен Србиновски прв се зафати на некаков начин да ја дополни празнината околу човечкиот лик на Венко Марковски. Неговата драма “Македонскиот Фауст“ отвори нови размисли за ликот на поетот и полемичарот. Сепак, многумина од нас останаа со впечатокот дека “нашиот Фаустус“ не дека не сакал да биде доктор по теологија, ами сакал да биде по медицина, туку дека сакал и едното и другото. Притоа тој навистина ја продал својата душа на Мефистофел, но неговиот Мефистофел е Москва, а продадената душа не е за нови знанија, бидејки тој бил убеден дека сѐ знае, туку се продал за богат, удобен и привилегиран живот.

Моите млади години беа исполнети со интерес кон поетскот дело на Венко, но повеќе кон неговата политичка и национална судбина. При првите мои патувања во Софија, некаде околу 1967-68 година, на долгите седенки со моите роднини, ја учев историјата на Бугарија и Македонија од директни учесници. Роднините ми беа сместени околу Гарата, некаде на крстосниците на “Ополченска“, “Беласица“ и “Анушка Драгиева“. Некои од тие куќи сега веќе не постојат. Имаше различни “преподаватели“, но кај сите имаше два неомилени лика од поновата историја. Тоа беа Лев Главинчев и Венко Марковски. За Венко се говореше како за нестабилна личност, човек кој ги оставил своите сомисленици да гнијат во Титовите зандани, а тој станал агент на Москва и ревизор на режимот и личноста на Тодор Живков. Имаше различни мислења, да речеме за Перо Шанданов и Пецо Трајков, но за Венко и Лев, сите беа едногласни-едниот убиец на патриоти, а другиот предавник на идеја и комунистички агент и конвертит. Се плшеа од него и го мразеа, па дури и еден Коста Црнушанов беше воздржан во мнението за него пред моите агресивни и невоспитани прашања.

Пред две години имав преписка со познатата бугарска новинарка и публицистка Виолета Радева, точно за прашањето на ликот и делото на Венко. Благодарен сум ѝ што делот од мојата преписка го ставила во нејзината книга “Гласове испод леда“ (Виолета К. Радева “Гласове испод леда“ Русе 2019 година стр. 177-182), каде што, меѓу другото се гледа и мојата позиција по однос на Венко. Факт е дека во лагерот Голи Оток минале 16 101 души, од нив околу 900 жени, сместени на соседниот остров “Св. Гргур“. Лагеристи се исклучиво комунисти, партизани, генерали и други високи функционери, како и функционери на ЦК на КПЈ. Таму нема припадници на ВМРО. Не треба да се подлажуваме со имињата на Венко марковски и Панко Брашнаров…тие одамна разкрстиле со бугарштината и се префрлиле на пројугословенски позиции. Таму одат како подржувачи на Информбирото и Коминтерната, како агенти на Москва, а не како бугарски, или било чии патриоти. Просто речено, таму се сите патриоти, ама во служба на Москва. Згора на сѐ, Венко е на Голи Оток од 1956 до 1961 година, кога таму веќе е престанат теророт, има вода и соби за спиење и е место за “хумано превоспитување“ на идеолошите пребези. Затоа, книгата на Венко за злосторствата на Голи оток е чисто негова измислица, или приказни чуени од друг. Таа книга е направена за простите македонци и бугари, како подкрепа на плачовите и молитвите за Македонија, отправени од Софија кон Москва. Москва е согласна книгата да се печати во Америка, нејзиниот автор да добие ореол на борец против комунистичките злосторства, а во сушност тоа е поткрепа на сопствената агентура, со јасно сознание дека Белград за тоа воопшто не се тревожи…тоа е минато, а Тито е “демократ“ за разлика од Живков и советската номенклатура.

Точно е дека Венко ја застапувал тезата во новокомпонираниот македонски јазик и азбука да биде присутна ерголем, односно темниот вокал, но тоа е веќе многу касно, Бугарија е со загубени позиции и Белград ја диригира ситуацијата. Но само пред шест- седум години, ситуацијата е друга, но неповратно загубена. Во својата впечатлива статија, Јулија Митева во списанието LiterNet објавена на 28.03. 2003 година, луцидно објаснувајќи ја позицијата околу формирањето на македонскиот јазик и бугарските гревови, ќе напише: “Борис Денев е виждал реална заплаха за националното единство на България, която в този момент (1940 г.) е в ситуация на война. Тази статия предизвиква полемика. Осъзнал тежестта на обвиненията, Т. Павлов бърза да се оправдае и дистанцира11Но се оказва вече твърде късно, за да се спре един процес, чиято скорост лавинообразно нараства. Случва се точно това, което Т. Павлов предсказва още през 1939 г. – острият нож порязва ръцете, които са го изковали – нашите ръце. В един момент се оказваме в ролята и на палача, и на жертвата.

Тука некаде, од сенката на кажаното може да се види и темниот, опскурен лик на философот Тодор Павлов, пријател на сите и пријател со сите, царски регент и комунист, подлец секогаш на служба на Москва.

Поемата “Чернобил“ на Венко Марковски го отвора понорот на заблудите на едно време, наложени со насилие и заблуди во кои цели генерации биле принудувани да веруваат како во единствени вистини. Венко секогаш бил припадник на оние кои го величале владеењето на Русија/СССР, секогаш со желба и тој да биде таков владетел, “патријарх“ на духот. Ропската послушност кон Москва, наложувала и тој да бара од другите ропска послушност. Притоа, моралот и не е важен за него, треба само да се видеат неговите покајнички писма напишани во “Нова Македонија“ во тоа време, за да се види до каде може единката да стигне во ропското поданство.

Авторот, кој ја загубил смислата за реалност, ни нуди болна, нездрава визија за човековото место во општеството. Проблемот не е само во авторот, прашањето е дали и ние сме си ја продале душата на Ѓаволот и заради што…заради нови знаења и сознанија ли? Педесет години ги гледавме нивните знаења и сознанија, за конечно да утврдиме дека тоа се нашите загубени, отсечени години, подеми и амбиции. Никогаш не треба да заборавиме дека Мефистофелесот на нашите души и нездрави амбиции сеуште пребивава во Москва. Тој секогаш има цена за нас! Ропството е сосема достатачно!