Венецуелската влада најави масовно распоредување трупи низ целата земја како директен одговор на континуираното американско поморско и воздушно присуство покрај брегот.

Министерот за одбрана Владимир Падрино Лопез изјави дека речиси 200.000 припадници на вооружените сили се мобилизирани низ целата земја во вежба што ја опиша како контрамерка против „заканите“ од САД.

„Речиси 200.000 војници се распоредени низ целата земја за оваа вежба“, изјави Падрино Лопез за државната телевизија, додавајќи дека операцијата се спроведува заедно со редовните активности на вооружените сили и дека тие се подготвени за каква било закана што доаѓа од САД.

Овој потег беше проследен со законска акција. Националното собрание на Венецуела денес донесе закон за зајакнување на одбранбената стратегија на земјата против натрупувањето американски трупи.

Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, изјави дека законот воспоставува нов начин на справување со распоредувањата, извршувањето на наредбите, движењето на трупите и, пред сè, односот меѓу народот и вооружените сили.

Распоредувањето на венецуелската војска се совпадна со пристигнувањето на еден од најмоќните воени бродови во светот, „УСС Џералд Р. Форд“, во регионот, што предизвика загриженост за можна воена ескалација. Американската морнарица го потврди влегувањето на носачот на авиони во зоната на одговорност на Јужната команда на САД, која ги опфаќа Латинска Америка и Карибите.

САД велат дека најголемото воено распоредување во Карибите во последните децении има за цел борба против трговијата со дрога. Мисијата вклучуваше најмалку 19 напади врз бродови во меѓународни води, во кои се вели дека загинале најмалку 75 лица.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги отфрли обвинувањата за трговија со дрога, велејќи дека САД водат војна против неговата земја со цел да го отстранат од власт.

фото: принтскрин

Текстот Венецуела мобилизира 200.000 војници: „Подготвени сме за американската закана“ е превземен од МАКФАКС.