Велика Британија ќе признае палестинска држава во септември ако Израел не се согласи на прекин на огнот во Газа, не дозволи помош од ОН и не преземе други чекори кон долгорочен мир, објави британскиот премиер Кир Стармер, според светските медиуми.
Стармер свика редок летен состанок на кабинетот за да се разговара за ситуацијата во Газа.
Тој им рече дека Велика Британија ќе ја признае државата Палестина пред Генералното собрание на Обединетите нации, „освен ако израелската влада не преземе значајни чекори за да ја заврши ужасната ситуација во Газа, не постигне прекин на огнот, не вети дека нема да има анексија на Западниот Брег и не се обврзе на долгорочен мировен процес што ќе обезбеди решение за две држави“.
Тој исто така рече дека Хамас мора да ги ослободи сите заложници што ги држи, да се согласи на прекин на огнот, „да прифати дека нема да игра никаква улога во владата на Газа и да се обврзе на разоружување“. Во телевизиска изјава, Стармер рече дека неговата влада ќе го процени „степенот до кој страните ги исполниле овие чекори“ во септември пред да донесе конечна одлука за признавање.
Велика Британија долго време ја поддржува идејата за постоење на независна палестинска држава покрај Израел, но верува дека признавањето треба да дојде како дел од договореното решение за конфликтот.
Притисокот за формално признавање на палестинската државност се зголеми откако францускиот претседател Емануел Макрон објави дека неговата земја ќе стане првата голема западна сила што ќе признае палестинска држава.
Повеќе од 250 од вкупно 650 пратеници во Долниот дом потпишаа писмо со кое ја повикуваат британската влада да признае палестинска држава. Стармер истакна дека и покрај условите што ги поставил, Велика Британија верува дека „државноста е неотуѓиво право на палестинскиот народ“, пренесуваат агенциите.
Фото: принтскрин
Текстот Велика Британија: Ќе ја признаеме Палестина во септември ако Израел не се согласи со нашите услови е превземен од МАКФАКС.