„Ќе ви посакам топол дом, среќни лица и срца исполнети со многу љубов. Нека ве води љубовта, таа е тајната состојка која победува сѐ. Сакајте се, љубете и ширете љубов. На оваа планета ѝ е потребна!“, вели за читателите на „Женски печат“ шеф Бранко Попоски од преубавото Вевчани, познат и како „Готвиме со Бранко“. 

Торта со моркови

5 јајца, 300 гр шеќер, 300 гр маслиново или кокосово масло, 250 гр бело брашно, 5 гр сода бикарбона, 2 лажици ванила, 1 пециво, 5 гр цимет, 110 гр мелени ореви, 330 гр рендани моркови.

За филот: 350 гр маскарпоне, 1 лажица ванила, 330 гр шеќер во прав.

Начин на подготовка:

Во длабок сад се кршат јајцата и се матат на средна брзина со постепено зголемување на брзината. Во смесата се додава шеќерот, маслото и се продолжува со матење. Потоа се додаваат сувите состојки – бело брашно, сода бикарбона, 2 лажици екстракт од ванила, 1 пециво и цимет. Се мати сѐ додека не се изедначи смесата. Во смесата се додаваат и ренданите моркови и мелените ореви и се меша со дрвена лажица. Добиената смеса се пече во калап бр.28, на 170 степени, 40-45 минути.

Крем

Во длабок сад се додава маскарпонето, екстрактот од ванила и шеќерот во прав. Со миксер се меша убаво сѐ додека не се добие бел крем, кој ќе се истури врз претходно изладениот колач. Врз белиот крем се додаваат и ситно сецкани ореви.

КРЦКАВО И ВКУСНО ПЕЧЕНО ПИЛЕ

Потребни состојки: 1 пиле. Зачини: 2 лажички сол, 1 лажичка триена сол, 1 лажичка црвен пипер, 1/2 лажичка кромид во прав, 1/2 лажичка мајчина душица , ½ лажичка босилек, 1/4 лажичка црн бибер, 1/4 лажичка лук во прав, 1 лажичка мед, 1 лажичка соја сос. За полнење на пилето: 1 мала главица кромид, 1/2 лимон, 2 мали чешниња лук.

Пилето измијте го убаво и исушете го со крпа. Во сад измешајте ги сите зачини заедно со медот и соја сосот и втријте ги зачините во внатрешноста и по кожата на пилето. Во внатрешноста на пилето додадете го и исецканиот кромид, половина лимон и ситно исечканиот лук. Останатите парчиња од лимонот поставете ги во садот во кој ќе го печете пилето. Садот да не биде премногу голем за да не се рашири пилето. Во садот за печење додадете хартија за печење за да не се залепи пилето. Печете го пилето на претходно загреана рерна на 150 степени, околу 20-25 минути, сè додека не се добие убава кора.

 

Вевчанскиот кашаник е неизбежен за Велигден

Потребни состојки: 3 кг брашно тип 500, 6 литри млака вода, морска сол по вкус, 500 мл маслиново или сончогледово масло.

 Опрема за подготовка на кашаникот: тепсија број 45-46, сач (вршник), пирустија.

 Начин на подготовка

Запалете оган и вршникот ставете го врз огнот за да се вжешти пред да почнете со печење на корите од кашаникот. Во сад ставете го брашното, водата и солта и формирајте хомогена смеса. Ставете една голема лажица од смесата во тепсијата и попрскајте ја со масло. Оваа постапка повторувајте ја сѐ додека не ја потрошите смесата. Секоја кора се пече со вршникот кој претходно се загрева на оганот. Откако ќе ја истрошите целата смеса и ќе ја истурите последната кора за печење, сачот се става над кашаникот и се пече, односно треба да се вари околу 20 минути. Кашаникот се јаде во комбинација со вевчанско овчо сирење и кисело млеко.

ТОРТА: ДВОЈНО ЧОКОЛАДНО ЗАДОВОЛСТВО

Потребни состојки: За долниот дел – чоколадни бисквити (400 гр), 1 цеден портокал, 80 гр путер, 200 гр мелени ореви.

За кафеавиот крем: 150 гр чоколадо, 2 пудинга од чоколадо, 600 мл млеко, 80 гр путер, 1 лажичка екстракт од ванила, 50 мл хопла.

За белиот крем: 150 гр бело чоколадо, 2 пудинга од ванила, 600 мл млеко, 80 гр путер, 1 лажичка екстракт од ванила, 50 мл хопла.

За преливот: 150 гр чоколадо, 2 лажици органско какао

Начин на подготовка

Во длабок огноотпорен сад додадете ги мелените бисквити, оревите и путерот. Мешајте сѐ додека не се растопи и не се соедини смесата. Исцедете го портокалот и додадете го во изладената смеса. Во округол сад, поставете ја смесата и притиснете ја со прсти убаво да се прилепи за садот.

Во тенџере додадете го млекото за пудингот и оставете да се вари. Потоа додадете ги ќесичките со пудинг и убаво мешајте додека не се формира густа и убава смеса. Оставете да се излади. Во сад додадете го путерот. Топете заедно со чоколадото. Изладениот пудинг и растопеното чоколадо изматете ги со миксер. Додадете ја и хоплата. Матете убаво сѐ додека не добиете густа смеса. Истурете ја врз долниот дел. Израмнете убаво.

Истата постапка повторете ја и со белиот фил.

За преливот: Во огноотпорен сад, додадете го чоколадото и какаото. Мешајте убаво сѐ додека се соединат состојките. Преливот истурете го врз изладената торта.

Оставете да отстои во фрижидер околу 30 минути за да се стегне тортата.