Формирањето на Заедница на српски општини со извршни надлежности е штетна по унитарниот карактер на Косово и ќе предизвика домино ефект и врз унитарниот карактер на Северна Македонија, на сите соседи на Србија и врз самата Србија, тврди лидерот на Движењето за Нова Република, Ивон Величковски, во интервју за ТВ Шења повикувајќи се на почитување на принципот воведен од меѓународната политика дека во регионот нема територијални решенија за етничките проблеми.
„Она што треба да го сфатиме е дека прекршување на принципот во Косово, ќе се рефлектира секаде, затоа мора да имаме јасен став, како политичари, општество и држава“, вели Величковски.
Тој потсетува дека Рамковниот договор и Уставот на Косово промовираат мултиетничка демократија и заедница на општини, но не врз етнички принципи.
„Непринципиелно беше исчешувањето на унитарноста на Косово, која ќе предизвика исчашување и на унитарноста и во Македонија и во други земји. Црна Гора ќе биде доведена во прашање, состојбите во Босна знаеме какви се, но тоа ќе се рефлектира и во Србија. Со тоа ќе имаме по некоја република српска или заедница на општини во сите околни земји на Србија, тоа нема да биде решение. Ако во едно место се прекрши принципот, тој ќе се прекрши секаде“, предупредува Величковски.
Според него, македонската влада треба да го поддржи косовскиот премиер Курти, кој се спротивставува на формирањето на заедница на општини според етнички принцип.
„Така се штити не само косовската, туку и македонската независност, кои меѓусебно се поврзани. Тие се дел и на независната на Албанија, Црна Гора. Тоа се принципите на американскиот претседател Вудро Вилсон за правото на народите на самоопределување.“, додава Величковски.
За него, засега е спречено сценариото за формирање на заедница на општини по етнички принцип затоа што КФОР нема да ја преземе чувањето на безбедноста на северниот дел на Косово, туку тоа ќе остане задача на косовската полиција. Р.З.