Нападот во селото Бањско, во кој беше убиен еден косовски полицаец и тројца припадници на српската вооружена група, е терористички акт, кој имаше за цел да ја наруши не само стабилноста на Косово, туку и на регионот, тврди лидерот на Движењето Нова Република, Ивон Величковски, во интервју за ТВ Шења.
„Тоа што е битно е дека имавме терористички акт во Косово со потенцијални регионални последици, со закана по мирот во регионот. Тоа не е настан, како што го опишуваа некои наши политичари, туку тоа беше потенцијална опасност за целиот регион, кој што требаше да се прелее и во Македонија“, смета Величковски.
За Величковски е несфатливо претседателот Пендаровски, како врховен командант на вооружените сили, молчи за терористичкиот напад во Косово.
„Кажете ми овде што е овој молк кај нас?! Ова глумење неутралност, продолжување на логиката од 90-тите на еквидистанца. Таа политика не правеше еднакво дистантни од Истокот и Западот. Копија на политиката на неврзаност. Од таква еквидистанца ние сакаме да сме членка на НАТО?! Тоа се тие недоследности на нашата политика“, забележува лидерот на Нова Република.
Според него, и оценката на Ковачевски дека нападот во Бањско бил настан е чудна.
„Тоа било нешто настан имало насилство. Ама таму не се судриле две навивачки групи, тоа е терористички акт. Како киваат во Белград, овде дел од политичарите во Македонија ги фаќа пнеумонија. Ако не е терористички акт, зошто е уапсен Радојчиќ“, прашува Величковски и додава дека земјата не може да има двојни стандарди кога станува збор за нападот во Куманово во 2015 година и нападот во Бањско сега.
Тој оценува дека нападот врз косовската политика е последица на нееднаквиот однос на меѓународната политика кон премиерот Курти наспроти по толерантниот однос кон политиката на Вучиќ, која сега ја разбира играта на српскиот претседател и бараат веднаш да ја повлече војската од границата со Косово.
Зборувајќи за опасноста конфликтот од Косово да се прошири и во Македонија, Величковски вели дека владата мора претпазливо да го следи процесот затоа што загрозување на безбедноста на Косово значи и загрозување и на безбедноста на Македонија и на регионот.
“Потенцијалот за влошување на состојбата или злоупотреба на состојбата треба да биде обесхрабрен. Амбасадорот Хил му рече на Вучиќ, време е за определба. Забележувате и во нашата земја е таа определба. Последиците од тие врски од минатото, ги гледаме и во Македонија сега затоа што поранешната југословенска република е готова“, истакнува лидерот на Нова Република.
Тој не верува дека Вучиќ може да влезе во отворен судир со НАТО, но во Србија актуелна е дебата за судирот меѓу проруската и прозападната политика, која сака да глуми неутралност кога мора да заземе страна и преку нестабилност во регионот се обидува да го релативизира надворешниот притисок за определување на која страна се, со Западот или со Русија. Р.В.