На теренска прес-конференција одржана во срцето на лозарскиот крај, кандидатот за градоначалник на Кавадарци од СДСМ, Виктор Велевски, упати сериозни критики до Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја за целосна негрижа и прекршување на законот во однос на лозарството – една од најважните земјоделски и извозни гранки во Тиквешијата.
„Бербата започна, а лозарите се оставени во неизвесност – нема утврдена производна цена, нема поддршка, нема одговори од Министерството за земјоделство. Владата на ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги штити лозарите, туку и го прекрши Законот за вино,“ изјави Велевски.
Тој потсети дека новиот Закон за вино, донесен во март 2024 година, јасно обврзува Министерството до 15 јули да ја утврди производната цена за сортите смедеревка и вранец, врз основа на која откупната цена треба да биде минимум 25% повисока. Но, според него, оваа законска обврска не е исполнета, што претставува директен удар врз приходите и егзистенцијата на илјадници лозарски семејства.
„Наместо стабилност и фер услови, лозарите се принудени да продаваат под реална цена. Владата не само што не обезбедува фер откуп, туку ги навредува лозарите со фалби за ‘историска цена’ зголемена едвај за 0,50 денари,“ посочи Велевски.
Во своето обраќање, тој нагласи дека СДСМ е партијата која секогаш стоела зад лозарите – ја донесе законската заштита, ги зголеми субвенциите и ја поддржувала стабилноста на откупот.
„Како кандидат за градоначалник на Кавадарци, сакам јасно да ви порачам – јас сум вашиот сојузник. Вашиот труд мора да се вреднува. Кавадарци ќе има градоначалник кој ќе се бори за фер услови, исплатливо производство и локални мерки преку општината,“ изјави Велевски.
Прес-конференцијата на Виктор Велевски ја заокружи пораката дека лозарите заслужуваат повеќе – стабилност, сигурен откуп и почит за нивниот труд, а не политички фалби без реална основа.