Средно стручно училиште „Коле Неделковски“ од Велес  е петтиот Регионален центар за стручно образование и обука во земјава, а како државно  државно училиште е единствено во Вардарски регион. Ова беше официјално соопштено на денешната  Регионална конференција насловена „Улогата на регионалниот центар СОО во подобрување на системот за СОО во Вардарскиот регион“ што се одржа во Велес. На конференцијата учествуваа преставници на голем број училишта, центри за образование на возрасни, како и на бизнис заедниците во двата плански региони – Вардарскиот и Југозападниот.

Како што информира Билјана Казанџиска, државен секретар на МОН, ССОУ „Коле Неделковски“ ќе делува како образовен центар што ќе го унапредува учењето преку работа како дел од редовното образование и ќе нуди доквалификации и преквалификации во трите основни струки.

Таа потенцира дека Владата и МОН инвестираат во човечки капитал, како врвен приоритет, кој е еден од условите за економски раст и конкурентност и токму стручното образование и обуките се клучни за подигањето на нивото на знаења, вештини и компетенции на средношколците, насочени кон брзо вработување или успешно продолжување на образованието.

Таа појасни дека освен што ќе образуваат ученици во машинска, сообраќајна и електро техничката струка, исто така, на возрасни граѓани и со работно искуство ќе им овозможува доквалификации и преквалификации за полесно прилагодување на потребите на пазарот на труд во земјава.

Весна Стојанова Богоевска директор на ССОУ  „Коле Неделковски“, потенцира дека училиштето започнува нова ера бидејќи според македонскиот закон за образование се подигнува еден степен повисоко, во државно средно училиште, поточно Регионален центар за стручно образование и обука.

-Овие центри ќе го унапредуваат учењето преку работа во рамки на редовното образование, докфалификациите и прекфалификациите. Тие ќе делуваат како двигатели на квалитетот на образованието, насочени кон градење квалитетен кадар, кој ќе одговара на барањата на пазарот на трудот и ке бидат центри за извонредното во средното стручно образование,потенцира Стојанова Богоевска.

Освен  ССОУ „Коле Неделковски“ од Велес статус на државно училиште или Регионален центар за стручно образование и обука стекна и училиште од Југозападниот регион, а што официјално беше соопштено на денешната конференција во Велес.