Има начин како веднаш да се замрзнат платите на пратениците и тоа нема да биде ништо ново и до сега непозната пракса. Ако се чека Владата да достави текст на Закон ќе се изначекате, им укажа поранешниот претседател на законодавниот дом Трајко Вељаноски на претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи.

Тој им предлага наместо да молчат, да свикаат ад-хок координација за Собрание на која би се донел Заклучок да се изготви Закон за измена и дополнување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, а службите во Собранието професионално да си ја извршат задачата и за неполн час ќе го изготват истиот. Ваквото законско решение потоа, пратениците може да го донесат уште истиот ден на итна седница и тоа ќе стапи во сила веднаш, вели Вељаноски.

Тој предлага со Законот за измена и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија да се предвиди и бришење на Членот 11 со кој се предвидува основицата за пресметка на плата да биде просечната месечна плата, а наместо тоа, да се додаде нов член во Законот со кој ќе се утврди фиксен износ кој соодветствува на сегашните примања.