Вечерва во Кочани ќе се одржи шеснаесеттиот „Марш на ангелите“ – симболичен марш на болката и борбата за правда, со порака дека ваква трагедија никогаш повеќе не смее да се повтори – ниту за едно дете, ниту за една мајка. Настанот, организиран од здружението „16 март 2025 Кочани“, ќе започне во 18:05 часот од Паркот на револуцијата и ќе се одвива по вообичаената рута.

Маршот е посветен на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“, за која се обвинети 34 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност. За 11 лица, меѓу кои и двајца поранешни министри, постапката беше запрена поради недостиг на докази.