Нема услови денеска да се одржи седница на Собранието за одложување на пописот. Ова е епилогот од попладневната координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери, информираат од пратеничките групи.
Според нив, доколку се создадат услови, седницата ќе се одржи утре.
Против одржувањето на седницата, како што велат, бил координаторот на пратеничката група Алијанса за Албанците Алтернатива зашто сметал дека одложувањето на пописот за септември не е поради актуелната здравствена состојба, туку дека станува збор за политичка одлука.
Џафери претходно рече дека не може да каже кога ќе бидат донесени измените на Законот за попис зашто има процедури што треба да се испочитуваат. Мора да бидат запазени сите постапки, нагласи и информира дека од формален аспект предлозите ги вратил до предлагачите, од каде очекува во најбрз рок да ги вратат повторно во Собранието.