НЕ е тајна дека поместувањето на часовникот влијае на биоритамот и здравјето на човекот. Без разлика дали станува збор за поместување на часовникот нанапред или наназад, научниците се сигурни дека тоа има негативно влијание врз човекот, односно неговиот деноноќен ритам е нарушен.
Човечкото тело полесно се прилагодува на промената што не очекува вечерва, на поместување на часовникот наназад, но тоа сепак кај многу луѓе предизвикува несоница, мигрена, раздразливост, дури и депресија.
Германско истражување покажа дека речиси секој трет Германец или 29 отсто од нив имаат проблеми со физичкото и менталното здравје по поместувањето на часовникот – што е најголем процент во последните години. Поточно, 77 отсто од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат уморни поради промената на времето. Според истражувањата, следната најчеста поплака се однесува на проблемите со спиењето. Дури 70 отсто од испитаниците патат од несоница, а таа е особено изразена кај жените.
Многумина се жалат на раздразливост
На оваа листа се најде и недостатокот на концентрација, а речиси една третина од анкетираните признале дека се чувствуваат раздразливо откако ќе го поместат часовникот. Интересно е и тоа што 18 отсто од нив признале дека доцнеле на работа во неделата во која е сменето времето, пишува The Local.
„Психолошките проблеми кои се појавуваат по промената на времето не се ништо необично“, објасни психологот Франциска Кат и рече дека чувството е слично на џет-лаг бидејќи внатрешниот часовник е „збунет“. Но, постои лек за тоа.
“Најдобриот лек е и наједноставниот. Одмор и неколкудневно трпение. Често помага да не се закажуваат стресни состаноци во неделата по промената и да се забави темпото”, вели таа.
Можеме да ја почувствуваме промената со недели
Според експертот за спиење Ејприл Мајер, поместувањето на часовникот влијае на нашите модели на спиење, што може да направи да се чувствуваме многу уморни и да ја влоши нашата концентрација. Ова може да трае со недели бидејќи луѓето се будат порано откако ќе се смени часовникот.
„Ноќта пред да го поместите часовникот, треба да јадете лесна вечера за да поттикнете сон. Исто така препорачувам да се опуштите што е можно повеќе и да го исклучите телевизорот најмалку два часа пред да заспиете. Опуштете се со топла бања или туш или добра книга Исто така, важно е да спиете доволно, односно погрижете се да спиете најмалку седум часа за да не се чувствувате уморни следниот ден“, изјави Ејприл.
Според CNN, зимското сметање на времето може да биде поттик за депресија. Шетањето во природа особено помага во спречување на депресија во зимските месеци. д-р. Сарита Робинсон тврди дека поминувањето време на отворено многу ни помага да се чувствуваме попозитивно.
„Често мислиме дека ќе имаме еден час повеќе дневно за нашите активности, но поместувањето на часовникот навистина може да го наруши нашето ментално здравје“, вели Сарита и додава дека се може да се спречи доколку правилно се посветиме.