Убаво е кога имаме некого со кого можеме да се гордееме. Некого за кого секогаш ќе кажеме тој беше наш. Тоше Проески остави многу повеќе од песни. Остави спомени, емоции и моменти што со години живеат во животите на луѓето од сите генерации.

На 05 март 2026 година, по осми пат, во Центарот за култура – Битола, ќе се одржи концертот „Засекогаш во срцата“, посветен на музиката и наследството на Тоше Проески. Настанот со години прерасна во препознатлива традиција и еден од најемотивните музички проекти во Битола, кој секоја година обединува публика од различни генерации.

Концертот се реализира во организација на Оркестар DIVA, во соработка со Центар за култура Битола. Оркестар DIVA со години е носител на овој проект, градејќи внимателно осмислена концертна целина која со почит и достоинство му пристапува на музичкото наследство на Тоше Проески.

Годинава, на сцената ќе настапат: Наде Талевска, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Бојан Стојков, Јасна Димитровска, Марија Митровска, Марија Јаковлеска и Алексеј Ивановски изведувачи кои ќе ѝ дадат свој личен печат на музиката што одамна е дел од колективната меморија. Музичките аранжмани се прилагодени од Владимир Димовски, со цел песните да добијат нов оркестарски израз, задржувајќи ја нивната препознатлива емоција и суштина.

„Засекогаш во срцата“ е вечер во која публиката заедно пее, се потсетува и ја чувствува музиката што сите нè поврзува.

Концертот ќе се одржи на 05.03.2026 година, со почеток во 20:00 часот, во Центар за култура – Битола. Билетите се во продажба по цена од 500 денари, преку платформата yournextevent.info и на продажното место Тобако Димпо во Битола.

А публиката во Битола по осми пат ќе се собере на едно место за да го каже истото: Ти благодариме, Тоше.

Текстот Вечер посветена на Тоше Проески во Битола: „Засекогаш во срцата“ по осми пат е превземен од МАКФАКС.