Министерството за образование и наука на Република Бугарија го објави почетокот на кампањата за прием на Бугари кои живеат надвор од Република Бугарија и граѓани на Република Северна Македонија како студенти на бугарските државни универзитети.
Електронската платформа за аплицирање: (https://higher-edu.mon.bg/ap/home) е достапна на веб-страницата на МОН на Бугарија и е отворена од 19 март 2021 година за регистрација на кандидати кои имаат завршено средно образование.
За време на регистрацијата, ќе можат да се приложат и документи за бугарското потекло на кандидатите, кои ќе бидат проверени од Државната агенција за Бугарите во странство. Тие документи се потребни за кандидатите за студенти кои ќе конкурираат според декретот 103 на Владата на Р. Бугарија, којшто се однесува на Бугарите во странство.
Кандидатите ќе можат да конкурираат и според декретот 228 на Владата на Р. Бугарија којшто се однесува на граѓаните на РС Македонија.
Приемот на кандидатите за студенти ќе се спроведе преку испити, кои ќе се одржат на платформата и ќе вклучуваат:
– општ едукативен online-тест кој содржи прашања од предметите бугарски јазик, литература и историја на Бугарија – за сите кандидати; – специјализиран online-тест, кој содржи прашања од предметите биологија и хемија – за тие кандидати кои сакаат да студираат медицина, фармација и стоматологија;
– специјализирани испити, организирани и спроведени во Република Бугарија од високите образовни институции за уметност и спорт – за кандидатите кои сакаат да студираат одредена уметност или спорт.
Во периодот од 15 април – 30 мај 2021 година, идните студенти ќе имаат можност да ги полагаат општиот и специјализираните online-тестови на Интернет, запознавајќи се однапред со прописите и техничките карактеристики на пополнување на тестoт во виртуелна средина.
Датумите на приемните испити ќе бидат утврдени во распоредот на кампањата.