Министерството за економија го објави јавниот повик за реализација на мерката- организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари, информираат од таму.
„Оваа мерка е во рамки на Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2021 и предвидува издавање на потврди-ваучери за туризам во вредност од 12.000 денари за лица со ниски примања за да истите ги користат во категоризираните угостителските објекти за сместување (хотели) лоцирани во туристичките центри во Македонија кои претходно се пријавени во Министерство за економија,“ се вели во соопштението.
Според јавниот повик кој денеска е објавен на веб -страната на Министерството за економија оваа година за реализација на оваа мерка се предвидени 15 милиони денари.
Јавниот повик ќе трае до 30 јуни и до овој рок сите граѓани кои ги исполнуваат условите, односно немаат приходи повисоки од 30.000 денари ќе може да се пријават и да добијат ваучер.
Ваучерот за користење на средства за организиран одмор ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година, во некој од угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб- страната на Министерство за економија,“ се додава во соопштението.
Потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот „прв дојден прв услужен“.
Потврдата за користење на средства за организиран одмор може да се користи само од работникот на кого му е издадена заедно со членовите на неговото потесно семејство кои се наведени во барањето.
Јавниот повик и конкретните документи кои треба да се достават може да ги најдете на веб -страната на Министерството за економија на следниот линк: https://www.economy.gov.mk/doc/2974