Владимир Перев
Има ли овде држава, знае ли некој што прави црквата, има ли некој во нашето Министерство за надворешни работи претстава за тоа кој ја води политиката во оваа земја. Една обикновена селска и поповска глупост на селаните од селото Клепач, Прилепско, ги отвора раните на недоизградената држава, пореметената претстава за национолно достоинство и гордост, за сето тоа да заврши со малоумните изјави на МНР на Македонија.
“Министерството за надворешни работи информира дека по спроведената истрага и соодветна постапка од Управата за заштита на културното наследство и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, како и соодветен ангажман на Основното јавно обвинителство, констатирано е дека надгробната плоча не потпаѓа на ниту еден статус на заштитено културно обележје или природна реткост, туку се работи за приватен гроб и надгробна плоча.“, е официјалната информација по скандалот што се дигна околу промената на надгробната плоча во Клепач, како и промената на писмото, текстот и имињата на паднатите четници.
Кој воопшто смее да менува надгробни плочи, писмо на плочите и да дава мислења за тоа каков живот живееле починатите и за какви идеали се бореле или паднале. Па ако и од владиката Петар, Господе Боже, премногу е. Не треба ни да разговатаме за некакви “семејни потомци“, тоа се само современи игри за политичка или економска полза на грбот, а сега и на гробот на мртвите, нешта одамна познати во нашиот фолклор. И кој е тој кој може, “на своја иницијатива“ да врши промени на гробови воопшто, а камо ли во дворот на било која црква.
Во овие работи нема приватност, нема ниту црква. Овде има држава и само држава, со своите закони и извршни органи. Изгледа дека некој сака овде да прави паралелна држава, некаков Ватикан во Македонија, но дури и Ватикан не е толку моќен во Италија, колку еден владика и некаков селски наследник во Македонија.
Има и други аспекти на прашањето околу слободната волја да се променат натписите на спомениците, или да се направат нови. На пример, да си замислиме дека потомците на роднините на Адолф Хитлер, кои го носат презимето Schicklgruber, во неговиот роден град Браунау, подигнат паметник со отприлика следнава содржина: „Тука почива големиот син на австрискиот и германскиот народ Адолф Schicklgruber, најголемиот борец за обединета Европа и борец против злосторничкиот светски комунизам олицетворен во СССР“. Како тоа би изгледало? Или да се каже дака Херман Геринг е “најголемиот чувар и колекционер на европското и светското културно наследство и негов пазител“? Често слушаме и говориме за Кемал Ататурк, реформаторот на Османското царство и родоначалникот на модерната Турска секуларна република. Го смени и турското писмо, воведе латиница, ама дали некој чул дека Кемал-паша ги растурил или преименувал старите турски паметници напишани со арапско писмо, каде пишува дека “починатиот падна во бој за славата на Алах, на султанот (тој и тој) и единството на османската држава“…нема такво нешто!
Ова не е единствена промена на “идентитетот“ на мртвите или на црковните објекти. Тука се искршените плочи на црквите Св. Недела и Св. Богородица во Битола, плочата на црквата Св. Димитрија во Скопје, промена на фреските по црквите и манастирите и слични други злодела. Надгробната плоча на бугарските (и само бугарските) револиционери не ја промениле и турнале нито турците, ниту пак српската црква или не дај боже жандармерија во периодот до 1941 година. Истото е и со плочите по црквите. Тие безбожни дела ги прави “нашата“ Македонска православна црква, во своите амбиции за афтокефалност. Тоа не оди така, амбициите треба да имаат разумна основа, секој од нас би сакал да биде син на Рокфелер, ама оние кои тоа го тврдат кај нас, се во Бардовци. Затоа треба и да ни се објасни дали ќе одиме кон некаков “православен фундаментализам“ или власт на црковните “ватиканци“ во нашата држава?
Во случајов е важна само државата и нејзините органи. Само таа решава за нашите животи, стандард или дури и смрт. Поповите доаѓаат после, а резултатите од нивната работа уште никој не се вратил да ни ги каже. Затоа и зачудува недокваканата изјава на МНР на Македонија за “приватен гроб и приватна плоча“…требаше да ни објаснат дали закопаните таму се “приватни мртовци и приватни револуционери“!