Васко Ковачевски не е во државата подолго време, но очекувам и да го обезбедиме и да го вратиме во државата, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за уапсените во денешната акција поради сомневање за 6,5 милионски криминал во Електрани на Северна македонија (ЕСМ), РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“ со злоупотреби на јавни набавки. Премиерот Мицкоски уверува дека поранешниот директор на ЕСМ, Ковачевски, исто како и поранешниот владин функционер Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети кои се најдоа на црната листа на САД, ќе бидат обезбедени и ќе дадат одговор за обвинувањата што им се ставаат на товар.

„И поранешниот висок владин функционер и апелациониот судија кои што имаат направено сериозно кривично дело според оние тврдења таму и според основаните сомневања за кои што се наоѓаат на листата на санкции од САД, но и за овие 23 кои што денеска се обезбедени минус можеби еден за кој што сега вие посочивте, но очекувам бргу денеска и тој да биде обезбеден пред правдата, и сите тие да дадат одговор за овие основани сомневања за кои се обвинуваат. Иако можам да кажам дека голем дел од доказите за кои се сомневавме веќе се обезбедени. Имаме обезбедено докази за сите“, рече премиерот Мицскоски.

Министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност го известиле премиерот дека во случајот на ЕСМ и РЕК „Битола“ се работи за организирана група на високи претставници на компанијата кои се здружиле и постои сомневање дека направиле криминал тежок повеќе од 6,5 милиони евра.

„Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставам на Обвинителството, понатаму на судовите, нели мора да веруваме на презумпцијата на невиност, но тоа што е најдено е навистина загрижувачки“, рече премиерот Мицкоски.

Изминатиот период во кој јавноста замеруваше на новата Влада дека не презема мерки за криминалот за кој постојано зборуваше како опозиција, премиерот Мицкоски објасни дека барале време и трпение за да обезбедат докази. Сега веќе ги имаат и наскоро најави дека ќе бидат презентирани и на јавноста, но повтори дека нема да прават естрада или циркус од случаите на корупција.

Од утрово во тек е полициска акција насочена кон поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ и на енергетските капацитети што се под нејзина капа, меѓу кои и поранешниот генерален директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Истрагата ја водат двајца обвинители од Обвинителството за борба против организирниот криминал.