Негативната селекција и позитивната дискриминација се два главни проблеми со кои македонското општество мора да се справи доколку сака вистински напредок во политичката култура, економскиот развој и стабилноста, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска на трибината „Жените во домашната и меѓународната политика“.

„Погледнете овие 20 години – имаме огромна инфлација на незаслужени купени академски дипломи. Треба само да се направи анализа во државната и јавната администрација – колку од овие дипломи завршиле на раководни позиции? Ова ја уништува мотивацијата, но и вредноста на самата диплома, што е јасен пример на негативна селекција“, изјави Василевска.

Во однос на позитивната дискриминација, таа нагласи дека квотите за етничка застапеност не секогаш даваат квалитетен резултат.

„Апсолутно е потребно сите етнички заедници да имаат еднаков пристап до пазарот на трудот, но мора да се воспостави систем во кој критериумите ќе бидат правични и ќе овозможат квалитет, а не вештачки баланс“, додаде таа.

Василевска ја обвини ДУИ за злоупотреба на политичката моќ и создавање на лажни закани.

„ДУИ сега лиферува закани, но тоа е само одраз на нивното владеење. Колку членови на ДУИ се вработени во администрацијата без да се појавуваат на работа? Колку од нив земаат плата од државата, а работат во странство? Ова е класична злоупотреба на моќта за личен интерес“, рече таа.

На крајот, Василевска нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ веќе најавила укинување на балансерот за вработување во јавниот сектор, како и воспоставување праведен систем во кој сите граѓани ќе имаат еднакви можности.