Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски денескa запиша уште еден историски настан за Македонците во Албанија.
Тој не само што е прв пратеник, кој јавно се декларира како Македонец, денеска првпат се обрати на македонски јазик од собраниската говорница во албанскиот законодавен дом.
-Почитуван претседател на Собранието, почитувани пратеници. Ја имав честа во сто и првата годишнина од Собранието на Република Албанија да бидам првиот пратеник кој се декларира за Македонец. Јавностa преку парламентарната говорница слушна за Македонците во Преспа, Гора, Голо Брдо и Врбник, за Македонците низ цела Албанија, рече тој на почетокот од обраќањето.
Додаде дека достојно ги претставувал Македонците во Албанија, како и сите граѓани од округот на Корча.
-Се борев за подобрување на условите за живот и работа на Македонците во Албанија, ги подржав сите закони за евроатланските интеграции. Благодарност до Владата што го одобри проектот вода за пиење на општина Пустец од 4 милиони евра, благодарност за поддршката од колегите пратеници, посочи тој.
Рече дека се гордее што бил гласот на Македонците, на сите малцинства во Албанија и се борел за општество на еднакви пред Уставот и законите.
-Почитувани сонародници, бидете горди Македонци и лојални државјани на Албанија, негувајте ги македонскиот јазик, култура, историја и традиции бидејќи и тие cе нераскинлив дел од Албанија, порача Стерјовски во неговото обраќање на македонски јазик, што е прво во историјата на албанскиот Парламент.
Стерјовски во албанскиот Парламент влезе во мај 2019 година и во оценувањето на активноста на пратениците редовно е меѓу најактивните, главно со прашања кои ги тиштат Македонците во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, каде нивната концентрација е најголема, но и прашања кои ги мачат жителите на округот Корча од каде и е пратеник.
Тој на парламентарните избори на 25 април е на кандидатската листа на Социјалистичката партија, исто така во Изборната единица Корча.