Северна Македонија и Албанија постигнаа многу на полето на реформите и Брисел ги поддржува нивните напори, но доцнењето на нивната евроинтеграција влијае на довербата кон ЕУ во Западен Балкан, истакна еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Софискиот Балкански форум насловен „Време е да се врати довербата“.
Вархеји рече дека Бугарија и Северна Македонија мора да ги решат отворените прашања и наскоро да започнат преговорите со Скопје и Тирана.
– Шеесет и пет отсто од економијата на Западен Балкан е поврзани со ЕУ, што ја покажува нивната логична ориентација, рече Вархеи, нагласувајќи во своето онлајн вклучување од Будимпешта и дека регионот е опкружен со земји од ЕУ.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Вархеи, сите треба да се однесуваат кон земјите од Западен Балкан, не како кандидати, туку како држави-членки на ЕУ. Следната година Брисел во регионот ќе инвестира 30 милијарди евра, што е 1/3 од БДП на Западен Балкан.
Главниот преговарач во името на македонската влада, проф. Владо Бучковски, на форумот во Софија рече дека е направено многу на различни полиња, потенцирајќи ја медиумската област, посочувајќи ги двете национални новински агенции, дека МИА има дописник во Софија, а БТА за неколку дена ќе добие акредитација и за нејзиниот дописник во Скопје.
Тој рече дека Северна Македонија нема територијални претензии кон Бугарија и дека тоа ќе биде изразено во дипломатска нота, а Скопје нема намера да се меша во внатрешните работи на Софија. Бучковски рече и дека за шест години ќе има воз меѓу двата главни града, додавајќи дека Северна Македонија ќе добие 200 милиони евра за изградба на делницата до границата со Бугарија.
Поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси, кој раководеше со еден од панелите, рече дека ќе купи билет за првиот воз што ќе сообраќа меѓу Софија и Скопје. Тој ги повика Бугарија и Северна Македонија да најдат брзо, добро и трајно решение за спорот меѓу нив, наведувајќи како Мароко и Израел потпишаа договор за воена соработка, што беше незамисливо до пред една година.
Даниел Кадик од Европската либерална мрежа оцени дека Русија и Кина се обидуваат да ја попречат европската интеграција на Западен Балкан, и затоа сите треба да работат заедно за да се осигура дека евроинтеграција нема да пропадне.
Политичкиот аналитичар Алфред Муслиу рече дека моќта на една земја не се мери по армијата, туку со современите достигнувања што ги постигнала на полето на економијата, бизнисот, културата и образованието.
Организатор на Софискиот Балкански форум „Време е да се врати довербата“ е бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој истакна дека е важен разговорот за историјата, но истовремено не помалку важен и разговорот за иднината. Тој потсети колку е кревок мирот во различни делови на Западен Балкан, како што е ситуацијата во Босна и Херцеговина и дијалогот меѓу Србија и Косово.
– Стратешки интерес на Бугарија траба да биде Северна Македонија да стане дел од ЕУ, истакна Ќучук. Според него, ЕУ не може да биде геополитички играч бидејќи не е политички играч.
На форумот присуствуваа поранешни бугарски министри, пратеници и претставници на невладини организации вклучени во регионалните процеси, амбасадорите на Косово, Албанија, Турција и вршителот на должноста амбасадор на Северна Македонија во Бугарија.