Во Албанија се одржа Самит на земјите од Западен Балкан, на кој присуствуваа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, како и премиерите од регионот. Премиерот Рама рано изутрина го пречека Вархеи, но и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, српската премиерка Брнабиќ, премиерот на Косово, Албин Курти, како и Претседателот на Црна Гора, Ѓукановиќ. На прес-конференција Еди Рама и Вархеи зборуваа околу дискусиите кои ги имале на Самитот. Премиерот Рама го обзнани и барањето на земјите од Западен Балкан поврзани со ЕУ.
-Сите земји го претставиле барањето до ЕУ и Европската комисија за зелената дигитална карта на граѓаните од една земја од нашиот регион, во однос на здравствената безбедност да биде признаена во цела ЕУ за да можеме слободно да се движиме низ ЕУ-рече Рама.
Еврокомесарот за проширување, Вархеи, на заедничката конференција со премиерот Еди Рама зборуваа околу т.н. „балкански мини шенген“ и инвестициите на ЕУ.
-Подготвени сме да ги потврдиме нашите заложби и посветеност кои ги ставивме на маса на економски и инвестициски план, план кој го кажавме уште наесен, а кој мобилизира 1/3 од бруто производството на регионот, односно речиси 30 милијарди евра во вид на инвестиции кои ќе пристигнат во регионот. Но, овој план нема да функционира ако самиот регион не функционира како целина, ако немаме регионален пазар. Нема смисла да се градат автопати ако сите тие возила застануваат на различни гранични точки-вели Вархеи.
Запрашан – дали јазолот меѓу Бугарија и Северна Македонија повторно ќе ја „казни“ Албанија, комесарот Вархеи со став дека ЕУ напорно работи за решавање на конфликтот, додавајќи дека јуни ќе биде месец на одлуки.
-Како што реков, овој месец е критичен месец. Јуни е месец на овие одлуки, ќе треба да бидат донесени. Ние навистина работиме напорно и во овие моменти зад кулисите, бидејќи ова е период на тивка дипломатија за да изнајдеме решение. Претседателството на ЕУ е посветено и ангажирано за изнаоѓање решение, а тоа важи и за ЕК, но уште е рано да се каже што ќе се случи. Ние сме целосно посветени и сакаме тоа да се случи-изјави Вархеи.
Од друга страна, премиерот Рама изјави дека Албанија ги завршила задачите за интеграција и дека веќе нема никакво оспорување од ЕУ и земјите-членки.
-Најпрво, важно е да ги завршиме нашите задачи. Има легитимно прашање – до кога ќе продолжи оваа приказна, бидејќи видовме колку траеше другата, на вчерашната Македонија, на денешната Северна со јужниот сосед. На ова прашање бараме одговор, да го почекаме заседавањето на Советот и да видиме дали ќе има развој на настаните или не. Тука сме повторно-рече Рама.
Меѓу другото, на Самитот беше одлучено да се укинат тарифите за роаминг за земјите од Западен Балкан.