Напорно работиме на случајот на Северна Македонија, но уште не сме до посакуваната цел. Работиме со членките на ЕУ да се најде решениe и да се постигне согласност, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, одговорајќи на прашање на МИА дали е можно отворање на пристапните преговори во јуни и раздвојување на Северна Македонија и Албанија.
За одвојувањето на Скопје и Тирана, Вархеји рече дека пристапниот процес се базира на постигнувања.
– Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање, се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји, рече Вархеји.
Тој појаснувајќи една своја поранешна изјава, нагласи дека самото вето е драматизирање, и подвлече дека ЕК работи на тоа да се вратат работите во нормала колку што е можно побрзо.
-Враќање во нормала значи постигнување на договор помеѓу двете земји. Договор значи закажување на првата Меѓувладина конференција помеѓу Бугарија и С Македонија и се разбира токму ова е тоа на кое ние како ЕУ работиме сега, рече еврокомесарот Вархеји кој во рамки на неговата балканска турнеја по повод пристигнувањето на првите вакцини против Ковид-19, финансирани од ЕУ заедно со премиерот Зоран Заев одржа заедничката прес-конференција на вакцинален пункт во салата Борис Трајковски.