„Ова е момент за отрезнување за Северна Македонија, но и за опозицијата. Палењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето кон насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета“, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој во интервју за „Еуроактив“ го критикува односот на македонската опозиција кон францускиот предлог и процесот на приближување на земјата кон ЕУ.

Според него, постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизираната политика, но неговата проценка е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата.

„Еуроактив“ наведува дека по решавањето на долгогодишниот спор на Северна Македонија со Бугарија, Албанија ги започна преговорите, додека за Скопје дел од процесот ќе биде и вклучување на Бугарите во Уставот меѓу останатите нации, за што е потребен консензус во Собранието, кој во моментов го нема. „Ова ја поттикна националистичката опозиција со денови да организира протести во Скопје, за кои Вархеји оценува дека биле поминати црвените линии. Како пример, тој го наведува и тоа што листови хартија со францускиот предлог беа палени на собраниската говорница од страна на пратеници на опозицијата“, се наведува во текстот.