Напорно работиме на случајот на Северна Македонија, но уште не сме до посакуваната цел. Работиме со членките на ЕУ да се најде решениe и да се постигне согласност, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, одговорајќи на прашање на МИА дали е можно отворање на пристапните преговори во јуни и раздвојување на Северна Македонија и Албанија.
За одвојувањето на Скопје и Тирана, Вархеји рече дека пристапниот процес се базира на постигнувања.
– Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање, се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји, рече Вархеји.