Францускиот дефанзивец Рафаел Варан официјално е претставен како нов фудбалер на Манчестер Јунајтед.
По десет години, Варан одлучи да го напушти Реал Мадрид и да најде нов предизвик во кариерата, па реши да потпише за Манчестер Јунајтед.
Францускиот репрезентативец беше официјално претставен на „Олд Трафорд“ пред неколку дена, а се очекува наскоро да дебитира во дресот на „црвените ѓаволи“.
Исто така, Варан ќе го носи бројот 19 во дресот на Манчестер Јунајтед иако имаше поинаква желба пред да го потпише договорот.
Варан сакаше да го добие дресот со број четири што го носеше Фил Џонс неколку сезони, кој се наоѓа на излезната врата на клубот од Театарот на соништа.
Јунајтед со сите сили сака да се ослободи од Џонс ова лето и клубот очекуваше дека нема да биде проблем за него да му го отстапи бројот четири на Варан, но тоа не се случи на крајот.
Имено, англиските медиуми објавија дека Џонс рекол дека не сака да му го даде бројот четири на Варан, и дека овој број ќе го носи на својот дрес се додека е член на Манчестер Јунајтед.
Џонс има двегодишен договор со Јунајтед и клубот веќе некое време се обидува да го продаде, но проблемот е што никој не покажа сериозен интерес да го доведе овој 29-годишен дефанзивец.