Владата на денешната седница го разреши Ване Цветанов од раководната позиција во Советот за унапредување и надзор на ревизијата, објави Локално.
Причината за разрешувањето е тоа што ја ангажирал сопругата, екс мисицата Дунавка Трифуновска да му помага во работата.
Цветанов исто така потврди дека сопругата го придружувала и на неговите службени патувања.
Од Владата се уште нема потврда на оваа информација.
Ване Цветанов е поранешен директор на Агенцијата за спречување перење пари и финансирање тероризам, кој во јули 2019 година беше назначен за нов претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата. Цветанов претходно беше еден од обвинетите за злосторничко здружување и издавање службена, државна или воена тајна во случајот „Шпион“ и во октомври 2014 е осуден на 3 години затвор, а Апелациониот суд во октомври 2016 ја намали на условна казна затвор од 2 години, која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело.
Инаку брачната двојка е позната по тоа што често преку социјалните мрежи споделуваа моменти од својот приватен живот, па дури и своите кавги и несогласувања.