Владимир Перев
Поминаа 35 години од заминувањето на Иван-Ванчо Михајлов од овоземниот свет, но споменот за него и неговото дело, живее меѓу македонските бугари како неизгасив пламен на поривот за борба, за слобода и бескомпромисност во идеалот за сочувување на бугарскиот етникум во Македонија. За разлика од единствениот себугарски идеал на македонското општество од времето на д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Гоце Делчев, па и Тодор Александров, борбата на Ванчо Михајлов е комплексна, тешка и во време на нарушени идеали за бугарскиот идентитет, како на македонските бугари, така и на делови од врхушката во Софија. Ако лидерите и основачите на ТМОРО/ВМОРО имаа несомнена поткрепа во бугарското политичко општество, во Дворецот и Армијата, тоа и таква поддршка на ВМРО на Ванчо Михајлов била проблематична и полна со нејасни и недефинирани национални и идеолошки резерви.
Затоа, неговата борба, тајна, притаена, конспиративна и терористично-револуционерна, остана инспирација на македонските бугари во одбраната на нивниот идентитет пред српската окупаторска власт по Првата светска војна, ама и инспирација и мисла водилка во организацијата и борбата на бугарите во Егејско за време на Втората светска војна. Организацијата “Охрана“ беше единствениот заштитник на бугарите во Егејско од насилијата на грчките паравоени андартски националистички организации. Таму, во Егејско, ама и во Вардарско, ВМРО никогаш не престана да постои. Официјалната забрана на ВМРО од страна на превратаџиите од 19 мај 1934 година, доведе до пасивизирање на организацијата во Бугарија и заминувањето на нејзиниот лидер во Турција и потоа низ Европа. Македонските бугари никогаш не го прифатија чинот на укинувањето на единствената сила која го бранеше нивниот опстанок и идентитет, па ванчомихајловизмот, духот на идејата на Михајлов, остана да живее до денешен ден.
Последната воздишка на оружениот отпор на ВМРО, е атентатот на крал Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј, Франција. Тоа е дело и саможртва на Владо Черноземски, човекот, чиј чин, го промени токот на историјата на Балканот.
Атентатот и саможртвата на Черноземски не се само гол чин на верба во националното дело. Тоа и чин на однос кон лидерот Михајлов. Затоа, во една прилика, атентаторот но и поет Черноземски, ќе упати картичка со стихови до Михајлов:
Со една желба душата ја разгорувам,
со еден стремеж по патот кон врвот;
со еден копнеж – ’рѓосаните окови
со еден замав да ти ги разбијам
таму, каде духот си го калев.
Зашто ја љубам слободата на бурата – во грмежот,
како молња што проблеснува во ноќта;
зашто ги љубам јас скршените крилја во стремежот,
крила скршени во убавина.
Живот, о дај ми ги ти крилјата на молњата,
и светиот порив на јастреб устремен,
да сретнам јас во налет непријател-тиран,
да ја смачкам неговата моќ.
Македонија, 17.I.1924 г.
Песната, напишана некаде во пустарите на Македонија ја предречува судбината на поетот-атентатор, но и неотклонивата припадност кон слободарското дело на македонските бугари. Ако Ванчо Михајлов беше закрилник на слободата и борбата на македонските бугари, Владо Черноземски беше ангелот одмаздник за нанесените неправди.
Не е само Черноземски. Таткото на нашиот колумнист Христо Михајлов, македонскиот бугарин Михаил Адамов од Прилеп, михајловист, двократен осуденик и затвореник во затворот во Идризово, автор на до сега необјавени песни, во тешките зтворски вечери, ќе ги напише следните стихови за Ванчо Михајлов:
Од стариот албум за Ванчо Михајлов:
Го вети ти срцето на другите
На луѓето од дното му го раздаде ти,
Но наместо благодарност, ти испи чаша отров и го подигна гласот на идните дни!
1962 затвор Идризово, Скопје
Автор Михаил Адамов
Поезијата на оние кои умреа, упатени до оној кој до крај го носеше пламенот на непокорот!
Бог да ги прости! Слава им!