Таа е вработена и мајка на четири деца, но сосема успешно се снаоѓа во кујната, а своите слатки и солени деликатеси ги споделува на својот блог.

Кога ќе се спомне дека Валентина е сопруга и мајка на четири деца, веднаш се наметнува констатацијата дека мора да готви за да се прехрани семејството. Но, во нејзиниот случај не е така, со оглед дека преку фотографиите од готовите јадења што ги објавува на својот блог „Готвиме заедно со Теофанија“, и во неколку фејсбук-групи посветени на готвењето, се гледа со колкава љубов и внимание ги подготвува сите рецепти.

Без разлика дали се солени или слатки јадења, тие се толку „вкусно“ декорирани што ве мамат со својот изглед и вие да ги приготвите. А ако ѝ поставите прашања преку нејзиниот фејсбук-блог,
Валентина трпеливо ќе ви одговори и ќе ве посоветува.

Приватна архива

По што ги паметите своите почетоци во кујната?

– Постојано ја гледав мајка ми како готви во кујна. Се воодушевував на вештината со која меси тесто, па кога ќе направи некоја торта од некое списание и таа ќе излезе баш како што е на фотографијата. Сакав и јас да бидам како неа, вешта во кујната.

Од кого ги учевте тајните на кулинарството?

– За мене значаен дел од детството и голема привилегија претставуваше времето за распуст поминато на село со нашата баба Цана. Таа постојано ни месеше леб и сукаше вкусни пити, баници, зелници. Никогаш не подготвив сарма како што подготвуваше таа, со домашно свинско месо, а за качамакот со домашно сушено месо и домашно сирење да не ви раскажувам. Со сестра ми ќе
седневме до неа, а таа сукаше на специјално дрвено масиче наречено ,,трпеза“, со кумановски дијалект. А месените пити совршено се печеa под вршник.

Приватна архива

На која возраст првпат се обидовте да готвите и што беше тоа?

– Како дете предизвик ми беше да подготвам ванилици, мислам дека на секое дете му е интересно со калапчиња да прави колачи. Мислам дека на свои 10 години за првпат со помош на мојата мајка подготвив колач „брзи гонзалес“.

Паметите ли некои свои кулинарски гафови?

– Најголем гаф за мене е кога на едно снимање за рецепти заборавив да ставам шеќер во кремот од тортата (ужасно невкусно). Среќа што го пробав пред да ја мачкам тортата, па веднаш го поправив, му додадов шеќер во прав и успешно излезе. Уште еден гаф, во млади години: финиширам торта со крем фил и таа се превртува и паѓа на плочки во кујна. Во солзи и паника и по совет на мајка ми, го
собирам делот што не е залепен на подот и од тортата правам форма на ролат. Таков вкусен партал-ролат никогаш веќе не пробав (хахаха).

Приватна архива

Со оглед на обврските, дали и колку време имате да готвите?

– Денес покрај многубројните обврски со четири деца, се трудам барем еден оброк да е домашно зготвен, а десертите ми се слаба точка, нив постојано ги подготвувам. За родендените на децата досега имам купено торта само двапати, секојпат подготвував форми и фигури што им беа омилени на возраста што ја имаа.

Кои јадења се најомилени во вашето семејство?

– Омилено јадење на моите деца се лазањи, гиро и пица, домашно подготвени, а за благо сѐ ни е омилено, индијанки, еклери, чоколадни торти а најмногу чискејк. Чискејк-торти имам направено најмногу, и тоа чоколадни, ванила, овошни со путер од кикирики, ептен ги сакаме. Кога се готви за ближните, кога се подготвува со љубов и добра организација, со малку труд, излегува совршена креација.

Приватна архива

Ви помага ли сопругот во кујната или кај вас важи правилото – тоа е место само за жени?

– Впрочем, најдобрите готвачи се мажи. Сопругот често знае да подготви појадок за себе и за децата, а и децата знаат веќе да си спремат храна што им е омилена. Близнаците (11 години) често сакаат да се натпреваруваат, па прават палачинки, торти и сл., а ние со нивните браќа ги оценуваме како комисија, со гласање.

Што повеќе сакате да готвите – слатки или солени работи?

– Многу сакам да подготвувам печива, пити, кифли, во најразлични комбинаци, па појадокот или вечерата е резервиран за нив. Ама десертите ми се пасија, за нив не ми е потребен некој специјален поттик, само ако побараат слатко домашните, веднаш се реализира. Имам на листа многу рецепти што не ми се подготвени и така ги реализирам, постепено, а мотив ми е љубовта кон готвењето. Едноставно затворете ме во кујна и јас нема да се бунтувам.

Приватна архива

Сакате да експериментирате додека готвите или секогаш се држите до рецептот?

– Постојано експериментирам со рецептите, посебно со десертите, ретко подготвувам еден ист рецепт, најчесто сама ги креирам рецептите сега и за својот блог „Готвиме заедно со Теофанија“. Имам зготвено, фотографирано и напишано повеќе од 1.000 свои рецепти во изминативе 7-8 години.

Од каде наоѓате идеи за нови јадења?

– Идеите за нови јадења ги добивам од врвните готвачи на странските ТВ-канали или на интернет, ама најчесто се поврзани со вкусот на моето семејство, со производи што тие сакаат да ги јадат, ама во најразични комбинации и додатоци.

Приватна архива

Сакате да пробувате нови вкусови, необични јадења…

– Сакам да пробувам нови вкусови, сакам зачинета храна, традиционална храна од други држави, ама да не е нешто екстремно и бизарно како на пример жив октопод со зачини – јужнокорејски специјалитет.

Кое е најнеобичното јадење кое го имате пробано?

– Не знам, ама интересно и необично ми беше кога пробав да подготвам и да пробам похувана лубеница.

Постои ли некое јадење или продукт што никогаш не сте го јаделе и не сакате да го пробате?

– Не сакам да ја јадам шкембе-чорба, иако еднаш пробав убаво зачинета и не беше толку невкусно, ама сепак не сакам ниту да ја готвам ниту да ја јадам. А не сакам да јадам ниту полжави.