Преку грчко- бугарската граница, од преминот „Промахонас“ во Грција, порано од најавеното, вечерва пристигна камионот со првата пратка од 9.750 дози на вакцината за Ковид-19, а веќе во недела и официјално ќе започне вакцинацијата во земјата, односно т.н. „операција Слобода“, јави дописничката на МИА од Атина.
На граничниот премин беше заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас и претставници на грчката полиција и војската, со што започна спроведувањето на планот „Хипократ“ на грчката полиција за вакцините безбедно да пристигнат во магацините со фрижидерите во Атина.
На целиот пат до Атина, камионите ќе бидат под полициско обезбедување, а и магацините ќе бидат под 24-часовен надзор.
Вакцините ќе се чуваат во специјални фрижидери за длабоко замрзнување, од каде што ќе се пренесуваат во центрите за вакцинација кои се вкупно 1.018 во цела Грција.
„Операцијата Слобода“, односно вакцинацијата ќе започне во недела, во пет атински болници,а првите вакцини ќе ги примат повозрасен граѓанин, медицинско лице, но и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу.