Американската фармацевтска компанија Модерна соопшти дека почнала да ја тестира својата вакцина против Ковид-19 на деца.
Клиничкото тестирање, наречено KidCOVE, ќе опфати речиси 6.750 деца во САД и Канада на возраст меѓу шест месеци и 11 години, објави Си Ен Ен.
Тестирањето е поделено во два дела. Во првиот, на децата ќе се испитуваат различни дози на вакцината. Децата на возраст од шест месеци до една година ќе примат две дози на вакцината (од 25 до 50 микрограми) во период од околу 28 дена, а оние од две до 11 години ќе примат две дози во истиот период, но од 50 до 100 микрограми.
Податоците од првиот дел на тестирањето ќе се користат за одредување на дозите во вториот дел, во кој ќе учествува контролна група на деца кои ќе примат плацебо. Експертите ќе ги следат децата 12 месеца по примањето на втората доза, со цел да ја утврдат разликата меѓу ефикасноста на вакцината и плацебото, и евентуални несакани појави.
– Оваа педијатриска студија ќе ни помогне да ја процениме потенцијалната безбедност и имуногеност на нашиот кандидат за вакцина против Ковид-19 кај помладата популација, изјави извршниот директор на Модерна, Стефан Бансел.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.