Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави дека во Европската унија е одобрена вакцината против Ковид-19 произведена од британско-шведската компанија „АстраЗенека“ во соработка со Универзитетот Оксфорд, неколку часа откако Европската агенција за лекови даде препорака за одобрување на вакцината.
„Очекуваме дека компанијата ќе испорача 400 милиони дози како што е договорено“, напиша Урсула фон дел Лајен на Твитер, додека односот меѓу Брисел и „АстраЗенека“ се заострува поради доцнења во производството.
Европската агенција за лекови (ЕМА) претходно објави дека дозволата за употреба се однесува за популација постара од 18 години.
„Сѐ уште нема доволно резултати кои би покажале во колкав процент вакцината е ефикасна кај повозрасната популација (над 55 години), наведе европското регулаторно тело, но додаде дека се „очекува заштита со оглед дека е забележан имунолошки одговор во оваа старосна група, како и поради искуството од другите вакцини.“
„Научниците на ЕМА сметаа дека вакцината може да се употребува кај постари возрасни лица“, соопшти агенцијата.
Во ЕУ досега се одобрени две вакцини против коронавирусот: на компанијата „Фајзер/Бионтек“ и на компанијата „Модерна.“