Вакцинацијата против Ковид-19 во Словенија треба да почне в недела во домовите за стари и изнемоштени лица, изјави министерот за труд Јанез Циглер Краљ.

Владиниот портпарол Јелко Кацин тврди дека во првата фаза на вакцинирање ќе има доволно дози за сите штитеници од домовите за стари и изнемоштени лица, кои досега не биле заразени, јави СТА.

Словенечкиот министер за труд нагласи дека штитениците од домовите први ќе примат вакцини, бидејќи тие претставуваат најзагрозена категорија. Тој не го соопшти точниот број на оние кои изразиле желба да се вакцинираат, но истакна дека првата серија ќе биде доволна за сите оние кои сакаат да примат вакцина против Ковид-19.

Циглер Краљ истакна дека вакцинацијата во сите домови за стари и изнемоштени лица ќе се изврши во еден ден, а домовите добиле детални упатства како да се подготват за тоа.

Според официјалните податоци, 10.155 од околу 21.000 штитеници од домовите за стари и изнемоштени лица до вчера биле заразени со коронавирусот, а околу 60 проценти од нив изразиле интерес за примање на вакцината. Меѓу вработените во домовите, тој процент е помал, соопшти Министерството за здравство. (МИА)