ЏАБИР ДЕРАЛА
Ова што се случува со оваа партија одамна ги помина сите мерки.
Вмро мора да престане да ја кочи европската иднина на земјата за која, според партиската иконографија, нејзините членови би го положиле животот. Доста беше црна кампања и срамотење.
На сета мака што ја има земјата да се извлече од неодамнешното режимско минато, во ужасно тешки услови и глобални кризи што траат и ќе траат, покрај сите внатрешни слабости и регионални турбуленции оваа земја успеа да се зачлени во НАТО и да ги започне преговорите за членство во ЕУ. И стана лидер во регионот и светски пример за развој на добрососедските односи и градењето на едно општество за сите. Зошто некој во земјата би сакал тоа да го оспорува или да го блокира и уништи? Прашањето е едноставно и легитимно.
Три децении се зборуваше за тоа, а владата на СДСМ, која со тенко мнозинство, заедно со ДУИ, успеа да ги постигне тие цели. Стратешки, национални цели.
Нема ниту една, ни најситна причина да се премолчува тој факт. Не треба да се посочи заради „неутралност“? Дајте, ве молам!
Треба само тврдоглаво да се шири дефетизам, за да се умртви општеството и дебатата во него? Да останеме црна точка на европската мапа? Да бидеме некоја чудна бановина од која сите сакаат да си одат?
Не прифаќам ниту една од тие причини!
Национализмот во сите различни форми и размери тлее под самата површина на флоскулите во јавната комуникација. Тлее во во медиумските прилози, уредувачките политики, политичките изјави, културата, образованието, уметноста, естрадата…
Вака ли ќе одиме во Европа? Знаеше шеговито да коментира своевремено нашиот мил Мирче (Кибо). Не, вака не се оди во Европа.
Не сум единствениот што размислува на тој начин. За жал, пропагандата (речиси) целосно го освои јавниот простор. А ова размислување, отворено и широко, се означува малтене како „ерес“.
Медиумските и невладините рекетари во бели ракавици, ја цицаат крвта на општеството и шират национализам и антизападен сентимент, живеејќи од парите на Западот. Да се чуди човек.
Вмро удобно се вози во тој вагон на антизападната пропаганда што самото ја потттикнува и ја води, и ревносно ја влече локомотивата назад, контра Европа.
Голем дел од граѓанките и граѓаните не ја лапнаа јадицата на антизападната пропаганда. Најголем дел од нив сакаат во ЕУ. Многумина и со малку разбирање што тоа точно значи, но знаат дека тие, а уште повеќе нивните деца, ќе живеат подобар живот.
Јас сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ има капацитет да зачекори на патот кон Европа. Само треба да се охрабри и да го направи тој исчекор – историски.
Ете, така оваа партија што толку полага во историјата – ќе создаде историја.
ПС. Возот на брзите шини кон европската иднина не е ексклузивен. Има место за сите. Не е доцна да се качи и Вмро на тој воз. Освен ако не чекаат премногу, па стане предоцна.
Превземено од Цивил Медиа