Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на покана на нејзиниот хрватски колега, Зоран Милановиќ, отпатува попладнево во официјална посета на Хрватска, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти кабинетот на Османи, фокусот на разговорите во Загреб со челниците на хрватските институции ќе биде на натамошното продлабочување на билатералните односи и на последните случувања во земјата и регионот.

– На дневен ред на посетата на претседателката Османи на хрватската држава е и средбата со премиерот Андреј Пленковиќ, како и со претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ. Во рамките на оваа официјална посета, претседателката Османи ќе ја посети и општина Ријека, каде меѓу другото ќе оствари средба и со претставници албанската заедница во таа општина, информира кабинетот на Османи.