Пишува: Никица Корубин
Кога ДУИ вели дека ВЛЕН нема “политички легитимитет” за да биде дел од власта, согласно принципите и духот на Охридскиот договор, за мнозинско претставување на Албанците, т.н “победник со победник”; каков е одговорот на македонската “јавноста” – партиска, политичка, интелектуална? Без размислување, а уште помалку без ронка објективност за контекстот, речиси со мазохистичко задоволство; одговорот е дека ДУИ први “го прекршиле” тој принцип во 2017 година и коалицирале со “поразените” наместо со “победниците”.
А, зошто ДУИ тоа го направија? За да ја спасат ЕУ иднината (и било каква) на Северна Македонија, и тогаш и сега мнозинска, согласно сите мерења на јавното мислење. Па, зошто тогаш критика, а не пофалба за ДУИ? Дали тоа е всушност “првиот и најголем грев”, кои го “исплаќаат” до денес, со нивна организирана “сатанизација” востановена и интензивирана од 2020 година, од страна на двете најголеми македонски политички партии? Дали всушност ДУИ се казнети за упорната и доследна европска ориентација на Македонците, лажно претставена или непретставена од македонските политички партии, а моментално артикулирана токму преку нив?
Ако, се следат трите парламентарни циклуси, плус консултативниот референдум, од 2016 до 2024 година, јасна е европската тенденција на мнозинството гласачи (Македонци, Албанци или други, сеедно) и неможноста на партиско/партократската елита таа да се сузбие и потисне. Иако, во 2016 година, на парламентарните избори коалицијата на СДСМ во број на гласови и мандати ги изгуби изборите, мнозинското барање на гласачите беше дека се за “правда, владеење на правото, функционална држава”.
Единствено остварливо преку ЕУ интеграциите, во процес на ЕУ мониторирани “пржински преговори” како резултат на “заробената држава” на ЕУ комисијата на Рајнхард Прибе. Практично и политички ефектуирано преку коалицирањето со ДУИ.
Но, вистинскиот “шок” следи најпрво на консултативниот референдум, во 2018 година, каде што со цела партиска и медиумска машинерија за активен бојкот, преку 600.000 граѓани јасно се изјаснуваат за ЕУ иднина, со предвидлив позитивен исход и без самиот бојкот, чија намена е токму таа – превенирање на очекуваниот позитивен исход.
Кој “шок” продолжува (и се надградува) и на парламентарните избори во 2020 година, каде што граѓаните, не ги “казнуваат” тие што ги завршиле обврските од 1995 година (Преспански Договор), потоа Договорот со Бугарија, членството во НАТО и очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ, туку ги “наградуваат” со јасно мнозинство кај Македонците и со непроменето апсолутно “ЕУ ориентирано” мнозинство кај Албанците.
Што не’ доведува до ланските избори, и особено “подготовката” за истите, интензивирана после усвоената преговарачка рамка во 2022 година. Се чини дека “очекуваната” казна од граѓаните (за “предавствата”) не само што не стигнуваат во 2020 година, туку намалената излезност, сугерира инсистирање на уште посилни и посистематски европски реформи.
Па, кога веќе граѓаните “не казнуваат”, тогаш граѓаните треба да “бидат казнети”. Со одземање на политичка претставеност. Преку дискредитирање на ДУИ, како стабилен лост и спасител на ЕУ (и било каква) иднина на државата од 2017 година, и целосно изместување на “брендот на проевропска партија” од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ. Македонска изведба по српски “партиски” модел.
Што е јасно видливо и во резултатите на парламентарните избори во 2024 година, и во самото пост-изборно поведенки и наратив кој се наметнува. “Двете СДСМ” ги “даваат” своите гласови на ВМРО-ДПМНЕ, саботирајќи ја со пасивното и квази-ЕУ поведение, сопствената коалиција и стратешките партнери ЕУ и САД, но најважно граѓаните; сведувајќи го “проблемот” единствено на ДУИ, кој треба да биде “скротен” односно дискредитиран, делегитимиран и ослабен.
Скротена и дискредитирана ЕУ иднина. Казнети граѓани, за својата европска упорност. И востановени нови бранители на истата – ВМРО-ДПМНЕ, наспроти анти-ЕУ “бунтовниците” од Левица, како пандан на пример? Македонците имаат “избор”, зарем не?
Но, оваа бледа копија на воспоставување модел по примерот на “проевропството” на актуелната српска власт, наспроти тамошната анти-европска опозиција, ја третира само технички, главната “аномалија” или што би рекол вицепремиерот “големо количество Албанци”. И таа “аномалија” треба да биде “скршена” преку ДУИ.
Но, не ја “третира” суштински, иако сериозно ја начнува. А, тоа е далеку поголемиот демократски капацитет на нашето општеството и граѓаните, и неговиот мултиетнички и мултиконфесионален карактер. И токму затоа одбраната на уставната примена и заштита на Охридскиот договор, станува егзистенцијално важен, еднакво за Македонците, како и за Алабнците.
И кога следен пат, “јавноста” ќе ги преиспитува, шиканира и дискредитира ДУИ за нивната одбрана на уставот и Охридскиот договор, запрашајте се дали е тоа истата “јавност” што безмилосно ја “преиспитува, шиканира и дискредитира” и ЕУ иднината на сите нас?
Ако ДУИ (и ВЛЕН кога тоа ќе го одлучат) ја штитат ЕУ интеграцијата на Северна Македонија и ги претставуваат европски ориентираните Албанците, која македонска партија, ги претставува европски ориентираните Македонци, кои се мнозинство во државата? Кој го узурпира политичкиот простор и ја киднапира нашата воља, за сегашноста и иднината на нашите животи?