На само 20 километри од Скопје, во прекрасната природа на селото Бродец на Скопска Црна Гора, вгнездена е „Етно кујната Вила Елена“, место каде нè само што ќе ги наполните очите со боите на пролетта, и не само што ќе си ги наполните грлата и градите со свеж воздух, туку ќе можете да ги пробате несекојдневните домашни јадења на етно кујната, како и домашните козји производи.
За Етно кујната Вила Елена се грижи семејството Милановски. Синот Даниел раководи со објектот, мама Бети е шефица во кујната и „виновничка“ за превкусните специјалитети, таткото Новица е задолжен за работите околу фармата, а ќерката Елена ѝ помага на мама и почестена е што по неа е крстен локалот.
– Етно кујната вила Елена нуди прекрасна природа, чист воздух, мир и тишина надвор од градскиот метеж. До кај нас лесно се стигнува, само напишете ја локацијата на „гугл мапс“ и директно сте кај нас, ни објаснува Бети.
Пред да започнат да се занимаваат со селски туризам, објектот бил викенд-куќа, но како што ни вели Бети, бидејќи околностите биле непогодни во градот и немало работа, одлуката паднала, а најголем иницијатор бил Новица како поборник за здрав еколошки живот.
– Ја одбравме оваа локација бидејќи на децата најмногу им се допадна природата, а и е најблиску до градот, односно на само 20 км од центарот на Скопје, додава Бети.
Самиот амбиент ја прави оваа етно кујна посебна, секојдневниот пев на птиците, чистата природа, сонцето, а оние што имаат дечиња може безгрижно да ги остават да играат, додека родителите се одмораат.
– Нудиме традиционална домашно подготвена храна, пита, качамак, јарешко печење, и сè друго, вели шефицата на кујната.
Салатите се свежи и превкусни, има и пинџур, макало, тиквички, сирење и кашкавал, домашен шумски сок, десерти…
Семејството поседува сопствена фарма на кози, кокошки, домашни миленичиња, мачиња, кучиња, зајчиња…Произведуваат козјо сирење и кашкавал, козја моцарела, домашни јајца, а сè тоа гостите можат да го дегустираат на „лице место“, но можат и да си купат за дома.
Етно кујната Вила Елена располага и со соби за ноќевање, па ете можност цел викенд да го искористите за уживанција во природа.
На прашањето дали државата придонесува за развој на селскиот туризам, Бети ни одговара:
– Државата за селскиот туризам во околината на Скопје како да нема слух, таа и воопшто го нема дефинирано овој феномен во никој поглед, се мачиме самите, а помош од никаде. Тежок е овој семеен бизнис.
Домаќините размислуваат и за проширување, но велат дека сè тоа зависи од можностите.
А, ако сте веќе тука и ако одлучите да преноќите во вилата, викендот може да си го дополните и со посета на водопадите на Тршченски Поток, на само околу 500 м источно од Бродец, на 950-1100 m надморска височина. Станува збор за десетина водопади со височина од 2,5 – 5 метри, наредени скалесто еден под друг, така што целата појава претставува слап. Убавини!