Утринава на Хируршките клиники е извршена уште една трансплантација на црн дроб, потоа на бубрези и на коскени ткива, соопшти Министерството за здравство (МЗ).
Експлантацијата на органите почнала рано утрово на Хируршките клиники, откако вчера попладне семејството на пациентка во мозочна смрт дало согласнот за донирање, велат од МЗ.
Новата година ја започнуваме со уште една трансплантација на црн дроб, на бубрези и на коскени ткива, откако вчера попчадне семејство на пациентска со мозочна смрт даде согласност за донирање органи. Нивната желба да подарат некому живот и здравје, денес донесе трансплантација на црн дроб, два бубрега и на коскени ткива. Благодарност до семејството од мое име и од името на сите екипи кои во изминативе 24 часа работеа и продолжуваат да работат, истакна министерот за здравство д-р Беким Сали.
Тој истовремено искажа благодарност до сите медицински екипи кои изминатите часови работеа на подготовка на донорот, на реципиентите и во операциските сали.
Нè радува тоа што се повеќе семејства се одлучуваат да ги донираат органите и да спасат некому живот. Новата година ја започнуваме со акт на хуманост и добрина. Со надеж и верба, потенцира Сали.
На 25 ноември минатата година првпат во историјата на македонското здравство беше извршена трансплантација на црн дроб од починат донор, на Клиниката за дигестивна хирурија. Шеесет годишен пациент со хронична болест на црниот дроб доби здрав орган од пациентка во мозочна смрт чие семејство се согласи да ги донира органите.
Докторите, сестрите и целиот медицински персонал од Клиниката за дигестивна хирурија, кои ја направија првата трансплантација на црн дроб од починат донор во историјата на македонскотo здравство, не можеа да ги задржат солзите радосници по успешната операција во која е спасен животот на 60-годишен пациент со хронична болест на црниот дроб.
По три недели 60-годишниот пациент кому му беше извршена првата трансплантација на црн дроб во Македонија ја напушти Клиниката и си замина дома.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.