По повод 60 години од основањето, Уставниот суд на Република Северна Македонија, утре ќе биде домаќин на Меѓународна конференција на тема „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“.
Во рамки на Конференцијата ќе се обратат 18 говорници, меѓу нив, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, судијата во ЕСЧП, Јован Илиевски, Рената Дескоска-член на Венецијанска комисија, амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал, 14 претседатели, судии и експерти од европскиот регион. На конференцијата свое воведно обраќање ќе дадат: претседателот на Републиката, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Јован Митрески, претседателот на Владата, Талат Џафери, министерот за правда Кренар Лога, амбасадорката на САД, Анџела П. Агелер, амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер и заменик шеф на ЕУ Бен Нупнау, Мирјана Лазаревска Трајковска, врховен судија и поранешен судија во ЕСЧП и други…
Модератори на конференцијата се Христина Беловска, портпарол-советник на Уставниот суд за односи со јавноста и Маргарита Цаца-Николовска, претседател на Институтот за човекови права и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права избрана од Република Северна Македонија.
Настанот, како што информираат од Уставниот суд, се организира со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.























