Владата утре ќе одлучува по која цена ЕСМ ќе ја продава електричната енергија на ЕВН Хоум. Директорот на државните електрани Васко Ковачевски вели дека конечно успеале да ги склопат финансиските планови за домашното производство, но и колку пари ќе им требаат за реализирање на предвидените јавни набавки за 2022 година. Ковачевски уверува дека наместо законски предвидените 60 отсто од потребната струја за домаќинствата, ЕСМ ќе ја обезбеди целата потребна енергија и нема да има потреба од увоз на скапа електрична енергија од берзите.
Ковачевски вели дека на Владата и понудиле неколку цени, но не откри какви, иако во јавноста на големо се зборува дека бараат поскапување од околу 20%.
ЕСМ на 9ти декември ќе достави понудата на тендерот на ЕВН Хоум за Универзалниот снабдувач и најверојатно тогаш ќе се има појасна слика колку ќе порасне сметката за струја за граѓаните од јануари.
„Ги направивме сите подготовки, тоа значи план за производство, финансиски план и план за јавни набавки за 2022та. И тука произлегуваат една табела од цени кои се доставени до Владата и на затворена седница треба да донесе одлука – препорачана цена за количините на енергија коишто АД ЕСМ ќе ги испорачува кон ЕВН Хоум, Униврзалниот снабдувач и малите потрошувачи и домаќинствата.“ изјави Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ.