Во Албанија утре ќе се одржат парламентарни избори, по изборната кампања проследена со тензии, но и сериозни инциденти. Во Елбасан едно лице беше убиено по судир меѓу две групи во врска со обвинувањата за купување гласови. Право на глас утре имаат 3,5 милиони гласачи кои треба да го изберат идниот парламентарен состав од 140 пратеници. Во трка се 46 регистрирани политички субјекти. Сепак, главните политички сили се Социјалистичката партија предводена од сегашниот премиер Еди Рама и Демократска партија на Љуљзим Баша која се надева дека ќе ја преземе власта по 8 години во опозиција.
Социјалистичката партија кампањата ја фокусираше врз масовната вакцинација против КОВИД-19, на големите инфраструктурни проекти, пристаништа, аеродроми и автопатишта, тврдејќи дека тие ќе го зголемат економскиот развој на земјата и ќе вработуваат граѓани.
Демократската партија се фокусира на социјалната благосостојба, тешката социјална и економска состојба, невработеноста, заминувањето на младите од Албанија и на заложбите за формирање кредибилен правосуден систем.
– Advertisement –
Третата партија која се стреми да стане релевантна е Социјалистичкото движење за интеграција од Моника Криемади, која му е сопруга на претседателот на државата, Илир Мета. Оваа партија традиционално добива малку пратеници во Собранието, но игра голема улога при формирањето на парламентарно мнозинство.
Дипломатските претставништва во Албанија беа гласни во текот на целата кампања повикувајќи ги албанските граѓани да излезат и да гласаат. Утрешните избори се осми после падот на комунизмот. Двете најголеми политички сили, социјалистите и демократите, досега имаа ист број на години во власт и во опозицијата, односно по два четиригодишни мандата на власт и исто толку во опозиција. Албанија е членка на НАТО од 2009 година, има статус на кандидат за членство во ЕУ од 2014 година и оттогаш чека одлука за почеток на пристапните преговори.
Мелихате Рустеми