Мирниот протестен марш ќе започне утре во 13:00 часот од „Жена парк“ и ќе продолжи кон Министерството за труд и социјална политика, велат од организацијата „Една може“
Животот на еден самохран родител во државата носи со себе огромни предизвици. Поради игнорантскиот однос од страна на државата, сите политички гарнитури од последната деценија и системски промени за целната група самохрани и еднородителски семејства, утре првпат во државата ќе се организира протестен марш посветен на самохраните мајки, гневни од условите што ги нуди општеството, најавуваат од организацијата „Една може“.
Во разговор за МИА, Дороти Пачкова, основач на „Една може“, организација којашто се бори за правата и подобрување на условите за живот за самохраните мајки, вели дека е потребно државата да им обезбеди директно учество во креирање на родови политики кои ги засегаат нив.
„Бараме соодветни инклузивни дефиниции, бараме државен архив, бараме статусни мерки, бараме можности за интеграција на пазарот на трудот, бараме мерки за баланс на приватниот и професионалниот живот, бараме посебна заштита на правата на нашите деца, бараме специјален дневен центар за самохраност и еднородителство каде ќе се решаваат сите предизвици од различни нивоа“, појаснува Пачкова.
Од Министерството за труд и социјална политика организацијата бара да се дефинираат термините самохран родител и еднородителско семејство во соодветните закони, како што велат, на соодветен, инклузивен начин. Исто така, да се допрецизираат постојните права и нивно реформулирање со законски и подзаконски акти, како и посебни специфични мерки за различни контексти на еднородителски семејства и на самохрани мајки. Да се помогне на самохраните мајки и за решавање на нивното станбено прашање, преку давање социјални станови или преку станбени кредити без камата и без учество, како и да се создадат механизми за квалитетно вработување.
Во барањата до Министерството за образование, како што наведуваат, како основоположници за еднаквост кон идните генерации, бараат да се зголеми бројот на стручни работници-родови експерти во надлежните државни институции, вбројувајќи ги и образовните институции, со цел поквалитетно спроведување на програмите за работа со жени-самохрани мајки и деца од семејства во социјален ризик. Воедно, да се обезбедат стипендии за децата од еднородителски семејства за формално образование, неформално образование, курсеви за странски јазици, спортски активности, обуки, тренинзи, екскурзии и слично. Неопходно е, според „Една може“ и обезбедување државна финансиска поддршка на иницијативите и програмите за работа на граѓанските организации и насочување и едукација на жените кон високотехнолошките струки, како и бесплатни државни згрижувачки и образовни институции за самохраните мајки.
Барањата до Агенцијата за вработување, според нив, како едни од клучните чинители на патот кон економска слобода на жените-самохрани мајки, се сензибилизирање на работното законодавство во однос на потребите и можностите на самохраните родители за усогласување на семејниот и на професионалниот живот, кампањи за дестереотипизација на работните места, мерки за намалување на родовиот јаз во платите, воведување на родово сензитивно буџетирање при подготовка на државниот буџет.
Ова се само дел од барањата кои, како што велат, доколку се исполнат ќе им овозможат нормално функционирање и еднаквост во општеството на самохраните мајки. Пачкова раскажува дека животот на самохраните мајки е прилично фреквентен.
„На пример, во нашите кругови не знам дали има мајки кои доаѓаат од работа и практикуваат попладневна дремка. Не знам за такви, најмалку барем додека децата се во основно училиште“, вели таа.
Самохраните мајки кои се со мали деца се соочуваат со најмногу тешкотии.
„Јас лично, додека ја поставував на нозе организацијата бев и самохрана мајка. Станував во четири часот, во зори за да се фокусирам на работата. Пред седум часот го будев детето за во градинка, со спремен брз појадок, па го носев во градинка со автобус, во друга населба, за да не ја менуваме градинката во која тргна во јасли, во периодот во кој јас морав да се вратам кај моите родители на некои три години, додека да се изборам за слобода да можам да си дозволам да плаќам стан под наем“, раскажува Дороти.
Покрај обврските околу детето, таа наоѓала време и за работа, комуникација со голем број луѓе, создавала тимови, пишувала анализи, а воедно ги обединувала и регионално самохраните мајки, од цел Балкан.
„Комуницирав со политичарки, општини, жени, жртви на насилство, со различни типови попреченост, ги посетував, ги поддржував, држев обуки и тренинзи за родова еднаквост и феминизам. Имавме трибини, создававме женско претприемништво, се вмрежувавме, развивавме бизниси, пишувавме проекти, правевме платформи за заедничарење и што уште не. Реално не сум во капацитети да паметам што се правам и сум правела, зошто деновите сè уште ми се извонредно турбулентни и динамичн“, додава таа.
Покрај сите овие обврски, успевала и да обезбеди здрав оброк за детето, да го однесе на воншколски активности и да одвои време за заеднички активности.
„Знам дека магистрирав, отворив форма и ја издигнав „Една може!“, благодарение на станувањето во четири часот наутро. Во ваква атмосфера веројатно растат многумина од децата во еднородителски семејства. Е на ова замислете ги и реалните предизвици – производ на непостоењето на систем. Замислете дека многу сметки не успеваат да бидат платени, замислете дека најголем број дојави до „Една може!“ се за добивање донации, замислете немање работа, замислете насилници кои им дишат во врат на жените, замислете дека сте робови на институциите и постојано праќате некакви дописи, известувања, дали за потребата да се однесе дете на забар, а при тоа мора да се извести вториот родител или треба да се бара дозвола да се носи сопствено дете на одмор за кој не знам како се успева да се заштеди. Замислете осуда, дискредитација од најблиските, замислете сè што не можете да замислите ако не доживеете лично и тоа на подолги патеки. За да испече силно и длабоко, што и кога ќе помине, ако помине, ќе мора да измислувате практики на детрауматизирање на себе си и на децата од тој живот“, раскажува Пачкова.
Постоењето на организацијата го одржуваат над 5 000 членки, обединети преку платформа за самопомош и заедничарење.
„Благодарение на неоткажувањето и на учењето како да трасираме пат за идни генерации и како да растеме професионално и како жени“,потенцира таа.
Мирниот протестен марш ќе започне утре во 13:00 часот од „Жена парк“ и ќе продолжи кон Министерството за труд и социјална политика.
„Имаме за цел да ја искажеме и прикажеме сликата на самохраните и еднородителските семејства пред целата македонска јавност и сите чинители во македонското општество. Нашите права не смеат да бидат табу тема! Не повеќе!“, порачуваат од „Една може!“.