Од утре ќе почне вакцинирањето со „Фајзер“ на децата од 12 до 17 години чии родители/старатели се пријавиле на сајтот vakcinacija.mk. Според Министерството за здравство, пријавени се околу 1800 деца. Единствено за нив вакцинирањето е со закажан термин, за возрасните повеќе не е потребно пријавување.
Со теренската вакцинација која почна минатата седмица во населени места и во рурални средини, регионалните вакцинални пунктови – спортските сали во неколку градови, се во функција за ревакцинирање и почнуваат да се затвораат.
Според последните податоци од Министерството за здравство, заклучно со петокот вакцина примиле вкупно 453 773 граѓани, а целосно имунизирани односно со двете дози се 272 129.
– Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Во државата вкупно се аплицирани 725 902 дози вакцини. Граѓаните се вакцинираат без закажан термин, во постоечките вакцинални пунктови низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба, информираше Министерството.
Барем една доза вакцина примиле 58 отсто од населението над 70 години, 55 отсто од повозрасните од 65 години, 51 отсто од населението над 60 години и 41 отсто од тие што се на возраст над 50 години.
Министерот за здравство Венко Филипче повторно апелираше граѓаните да се вакцинираат што помасовно за да се надмине епидемијата со вирусот, напомнувајќи дека во Европа и светот веќе се воведуваат ограничувања за невакцинираните граѓани, така што за влез во затворен јавен простор, пристап до угостителски, спортски или други услуги се бара задолжително приложување вакцинален сертификат.
– Земјите веќе ги предупредуваат нивните граѓани да се вакцинираат како не би се соочиле со ограничувања за нормално функционирање. Упатувам апел до сите граѓани кои сè уште не се вакцинирале да го направат тоа што побрзо. Вакцините се безбедни и ефикасни. Само масовната вакцинација може да стави крај на светската ковид-пандемија, напиша Филипче на Фејсбук.
Во статистиката за последното деноноќие беа евидентирани уште 19 нови случаи кај кои е потврден КОВИД-19 од направени 3667 тестирања. Осуммина од нив се од Скопје, пет од Тетово, двајца од Куманово и по еден нов случај имаат Гостивар, Кочани, Гевгелија и Дебар. Оздравени се девет (пет од Тетово и четворица од Скопје) и нема починати пациенти.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.